Бугарија ќе понуди хуманитарна помош за Израел, изјави премиерот Николај Денков на брифинг во Евксиноград, каде разговараше со премиерите на Грција и Романија, јавува БНР, пренесува Трибуна.

„Знаете дека има многу убиени и ранети, па мораме да видиме дали можеме да помогнеме во однос на болничката нега, како што се случи со жителите на Нагорно Карабах“, посочи Денков.

Според премиерот, Бугарија мора многу внимателно да ја следи ситуацијата во Израел, бидејќи постои потенцијал за многу сериозна ескалација. Денков ги повика главните движечки сили да вложат напори за деескалација:

„Од една страна, Израелците и Палестинците, кои се во близок контакт, од друга страна, Иран и неговите прокси групи наоколу, како Хезболах, од трета страна, САД и Русија. Секој од нив треба да размисли за тоа како можат да го деескалираат овој конфликт“, истакна бугарскиот премиер академик Николај Денков.