Владиниот Економски совет денеска точно напладне треба да одржи седница за кризата, а меѓу темите што се очекува да бидат на дневен ред се дополнителни мерки со кои би се ублажил ценовниот шок за граѓаните и стопанството.
Замрзнувањето на маржите, според премиерот Димитар Ковачевски, функционира, но она што ги покачува цените се инпутите, енергенсите и суровините што ги добиваат производителите на основните прехранбени продукти.
„Сите сме свесни за растечките цени на храната, особено на основните прехранбени производи. Владата направи првични мерки за замрзнување на цените, но со оглед дека сме отворена економија која разменува со странство, предолгото замрзнување не е можно. Ќе се јават недостатоци, па затоа преминавме како што преминаа и други држави, кон замрзнување на маржите“, рече премиерот во понеделникот.
Според најавите од неговите последни јавни настапи, се очекува наскоро да се објават и конкретни мерки за помош на најранливите категории.