Поскапување на цените на горивата за 3,5 денари без ДДВ сепак ќе има. Владата во 17 часот закажа дополнителна седница каде единствена точка на дневен ред ќе биде воведувањето на еколошката такса. Министерството за животна средина експресно ја вметна еколошката такса во Законот за животна средина откако вчера не достави предлог до Владата. Поскапување на цените освен за бензинот и дизелот за 3,5 денари ќе има и за мазутот и на екстра лесното масло.
„Со заклучок од вчерашната 81 Седница на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Секретаријатот за законодавство е задолжено да подготви соодветна измена на Законот за животна средина, во делот на надоместоци во насока на зголемување на надоместоците за нафтени деривати, и тоа за моторен бензин, гасно масло и масло за горење М1, М2 ( мазут ). МЖСПП пристапи кон изготвување на измените и истите ќе бидат доставени до Владата на денешната Седница“, наведоа од Министерството за животна средина.
Министерот за економија Крешник Бектеши во емисијата Економски магазин“ што се емитува на Алсат, потврдува дека денеска ќе се одучи воведувањето на еколошката такса, како неопходна за зелената агенда кон која се стреми Владата
„Ќе имаме уште една владина седница, во текот на денот или во доцните часови кога ќе се усвои одлуката за зголемување на еко-таксата која ќе биде околу 3,5 денари за одредени деривати и 3,1 денар за дериват кој помалку загадува. На овој начин ќе продолжиме во насока на зелената агенда како влада на Северна Македонија“, рече Бектеши.
За да може да се воведе оваа нова давачка Министерството за животна средина ќе треба да го повлече Законот за животна средина кој се наоѓа пред гласање во Собранието, за да може со амандманска интервенција да се вметне еколошката такса. Бизнис секторот бурно реагираше за воведувањето на оваа такса со оглед на кризата во која се наоѓаме заради пандемијата, но Владата остана на ставот дека зелената агенда е приоритет на Владата и неопходно е да се инвестира во обновливи извори на енергија.
Андреа Чобанова