Секоја година на 15 септември на глобално ниво се одбележува Светскиот ден за подигнување на свеста за лимфом. Свесноста за лимфон и препознавање на симптомите се од суштинско значење за раното откривање.

Кон одбележувањето на овој ден во ек на Ковид-19 пандемија се приклучува ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија Скопје, со апел до населението за сериозноста на лимфомот како заболување и потребата за неговото навремено препознавање и лекување.

Многу е важно да им помогнеме на граѓаните да ги препознаваат симптомите на лимфомот и да побараат на време помош од лекар. Зголемен, безболен, поткожен лимфен јазол е симптом кој не треба да се занемарува ниту од пациентите, ниту од здравствените работници. Дополнително, намалена енергија, треска, температура, чешање по телото, намалување на телесна тежина, се исто така симптоми кои не треба да се игнорираат. На овој ден испраќаме апел до граѓаните навремено да се јавуваат кај своите матични лекари кога ќе забележат некоја од овие состојби. Да не дозволат состојбата со КОВИД-19 да ги одврати од посетата кај матичниот лекар затоа што физичкиот преглед на лимфниот јазол е клучен чекор во откривањето на ова заболување. Исто така, апелираме до матичните лекари редовно да ги прегледуваат своите пациенти со палпација на лимфните јазли, затоа што раното дијагностицирање и соодветниот третман на ова хематолошко малигно заболување има клучно значење за излекување и успешен клинички исход од третманот. Доколку рано се дијагностицира и навремено се третира, пациентите добиваат шанса за долг, квалитетен и среќен живот, изјави проф. Д-р Ирина Пановска – Ставридис, директор на ЈЗУ Клиника за хематологија – Скопје.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.