Еден од условите е исполнет. Македонските кошаркари ја совладаа Италија вчера со 87:78 со што се вратија во игра за пласман на Европско првенство. Денеска е „денот Д“. Во 15 часот Македонија игра против Естонија, која на последниот меч загуби од Русија. Е сега, на овој меч потребна е победа од најмалку 10 поени разлика.
Естонија пред почетокот на пандемијата со коронавирусот, пред полни трибини во СЦ „Борис Трајковски“, си поигра со Македонија и славеше со девет поени разлика (72-81). Сега, ќе биде потребно Македонија да слави со најмалку десет поени разлика во меѓусебната пресметка, за да се патува на европскиот кошаркарски собир.
Проблеми за овој меч за селекторот Тодоров е тоа што еден од најдобрите Димитриевиќ е повреден. Иако најавите се дека нема да игра, сепак можно е да го видиме неколку минути на паркетот како „џокер“.