Денеска, во модуларната болница при Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби започна вакцинацијата на здравствените работници против КОВИД-19 во земјава.
Први се вакцинираа Главна сестра Габриела Темелковска и примариус д-р Добринка Наунова Јовановска, специјалист за неуроинфекции од инфективната клиника – медицински работници со значајно искуство на клиниката и огромен придонес во борбата со Ковид-19. Д-р Наунова Јовановска е инфектолог кој интензивно работи на комуникација со матичните лекари, како и во лекување на пациенти со други инфективни заболувања сместени на други клиники.
Сестра Темелковска и Д-р Наунова Јовановска ја примија вакцината на Фајзер, која пристигна со првата пратка во нашата земја од Република Србија.
По примањето на вакцините против ковид-19, тие изјавија дека се чувствуваат добро и упатија порака дека имунизацијата е единствениот начин за да ставиме крај на пандемијата предизвикана од овој непредвидлив вирус.
За денешниот ден, предвидено е вакцинирање на 260 здравствени работници. Согласно планот за вакцинација на здравствените работници, први ќе се вакцинираат оние здравствени работници кои работеле и работат со ковид-пациенти од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Градската општа болница „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, клиниките во склоп на интерните клиники кои хоспитализираа пациенти. Веќе од следната недела вакцинацијата ќе започне и кај медицинските лица во болниците низ државата, како и приватните болници.
Наскоро Македонија ќе биде една од ретките земји во Европа во која ќе бидат вакцинирани сите здравствени работници кои лекуваат пациенти заразени од коронавирус, согласно Планот за имунизација на населението од ковид-19, велат од Министерството за здравство.
Во неделата, од Србија добивме 4680 од вкупно 8000 вакцини од компанијата Фајзер. Во текот на следната недела се очекува да пристигнат и другите количини од Србија.
До крајот на месец февруари, според последните информации од производителот, треба да пристигнат и вакцините од Народна Република Кина.
Сите вакцини се развиени на безбедни платформи, а денешниот почеток на вакцинацијата против коронавирусот е почеток на последната фаза во борбата со пандемијата предизвикана од ковид-19.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.