Професор Азир Алиу за Инсајдер.мк
Денес е посебен ден за Нашата држава. Вчера, вчера беше нормален ден и децата беа на училиште. Се вратија дома радосни дека следниот ден нема да одат на училиште. Добија многу малку информации од училиштето за тоа што значи Денот на независноста, како треба да изгледа граѓанин што придонесува во општеството, што треба да подобриме како општество за да бидеме граѓани како оние на Европа? Ниту една од овие теми не беше разгледана вчера. А денес – денес освен знамиња и политички активности, немаме ниту една културна, образовна или општествена активност!
Вчера училиштата не ја искористија можноста да ги научат учениците нешто повеќе за државните празници, за нивната важност, нивната улога во тие процеси, да зборуваат за патриотизмот и да им ги покажат обврските и убавината да се биде вреден граѓанин.
Како педагог не верувам дека образованието треба да биде само процес кој ги вреднува одликите да се биде мирен на час, успешно да се положат тестовите и да се извршуваат домашните задачи. Образованието е повеќе од тоа! Мора да ги научиме учениците да станат одговорни и да придонесуваат во општеството и околината каде што живеат. Училиштето, исто така, мора да ги научи учениците на одлучност и напорна работа, пријателство и соработка.
Вчера нашите училишта трабаше да третираат теми што се однесуваат на патриотизмот и граѓанството. Две многу важни доблести што треба да бидат во приоритетите на основното и средното образование. Нашите деца се иднината на нашата земја и затоа, подигнувањето на овие доблести ја прави иднината на земјата уште понадежна.
За да создадеме здрава, интелигентна и активно вклучена заедница во општеството, од суштинско значење е да ги научиме нашите деца на важноста на патриотизмот и граѓанството. Тоа значи да ги научиме на правила, бонтон, обврски и слобода. Да ги научиме да покажуваат почит и гордост кон земјата, да ги научиме како да придонесат во заедницата, да ги научиме да бидат поодговорни, да ги научиме да бидат покооперативни.
Свесни дека децата учат преку модели, за жал, такви модели се помалку ги имаме! Ова ја отежнува работата на наставниците и родителите за подигнување на овие доблести кај помладите генерации.
Денес е Денот на независноста и само со знамиња по улици не создаваме патриотски општества, не создаваме млади луѓе кои ја сакаат земјата, млади луѓе кои остварувањето на своите соништа го гледаат овде, во својата татковина.
Сепак, разбирам зошто училиштата вчера не ги разгледаа овие теми со учениците. Тие вчера требаше со гордост и ентузијазам да зборуваат за нашата земја и да зборуваат за она што ги прави горди граѓани на оваа земја. Вчера тие се двоумеа како ќе одговорат на прашањата на учениците, зошто сме вакви?! Различни од светот! Зошто немаме училишта како светот?! Патишта како светот?! Спортски терени како светот?! Базени во секоја населба како во светот?! Зошто не се почитуваат правата на детето како во светот?! Зошто децата не се прашуваат како што се прашуваат децата во светот?! …и многу, многу други прашања. Вчера наставникот ќе беше принуден да ја наведне главата без да има одговори на овие прашања што би можеле да ги постават учениците, нашите деца. Вчера тие не би знаеле како да го оправдаат начинот на кој е организирано нашето општество и начинот на водење на нашата земја, злоупотребите што се случуваат во и со институциите на земјата, процесите кои секојдневно ги засегаат младите луѓе и тие се многу свесни за нашите неуспеси како општество, како систем, како држава, како интелектуалци! Процеси кои придонесоа и сé уште придонесуваат младите да ја изгубат надежта за оваа земја! Вчера наставниците не ќе можеа да најдат начин како да ја намалат вознемиреноста кај учениците и како да им дадат надеж!
Вчера, без разлика на желбата да најдат начини за третирање на овие теми, со ентузијазам, наставниците не ќе можеа да најдат такви форми ниту во улога на наставници, ниту во улога на авторитет што ја имаат како интелектуалци во општеството.
Длабоко верувам дека секој од нив, со многу желба и ентузијазам, се стреми да го поттикне патриотизмот и гордоста кај нашите деца и да ги минимизира нивните гневови и фрустрации. Но за жал заради целиот екосистем во општеството оваа мисија е многу тешка, речиси невозможна!
Покрај образовниот систем, медиумите, исто така, имаат посебна улога во општеството! Дури и овој важен дел од екосистемот за општеството вчера не придонесе за оваа тема.
За жал и ова средство за подигнување на свеста во општеството е толку многу обезвреднет што денес, два пати треба да размислите пред да купите весник поради компромитирачките материјали што може да ги најдете внатре, како социјални, образовни, така и политички. Денес е вистински предизвик да одлучиш да купиш весник или списание и да го оставиш на маса во домот!
Иако децата можеби нема да бидат заинтересирани да ги читаат или можеби нема да разберат што читаат, текстовите што ги имаме во весницита и списанијата и нивната содржина се исто толку опасни за децата колку неконтролираното користење на Интернет од страна на родителите. Денес имате повеќе политика и девијантни теми на нашите медиуми, отколку текстови со едукативни содржини и содржини кои ја подигнуваат свеста да се биде вреден граѓанин.
Како резултат на оваа ситуација, тешко е да дадеме добар модел за да ги едуцираме и вклучиме децата во корисни разговори и да ги стимулираме кон критичко размислување, разбирање, гордост и љубов кон татковината.
Денес, нашите деца, за жал, имаат многу мала можност да гледаат и имитираат интелигентни разговори засновани на факти за нештата, општеството, политиката, патриотизмот и заедницата.
Денес, нашите разговори сé повеќе се базираат на емоции или фрустрации! Денес, нашите разговори сé повеќе се навредливи, отколку надежни!
Денес сме лошо, но се надеваме дека утре ќе биде подобро!