МПЦ им го честита Божиќ на православните верници. По повод Божиќ, архиепископот Oхридски и Mакедонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот поздрав – Христос се роди!
„Денес, на овој спасоносен ден, ликуваат ангелите и светиите на небесата, а ние верните се радуваме на земјата. Ветениот Месија, за Кого пророците пророкувале и праведниците Го очекувале, Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се родил во времето: слегол од небото на земјата придружен со песни на ангелите, дочекан од пастирите и даруван од мудреците“, вели во писмото архиепископот г.г. Стефан. Тој исто така на верниците им порача да се сакаат едни со други, а оваа година да биде победа над злото и непријателството и време кога ќе заврши страдањето од подмолната болест. Богослужба се оддржа и во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола каде Божикна богослужба оддржа митрополитот г. Петар, кој порача дека денеска се слави силата и големината на Божјата љубов, со која човекољубивиот Бог го прегрнува човекот и светот. „Денес, нашите срца, срцата на христијаните и на целиот човечки род треперат, поточно, треба да треперат од радост, зашто почеток е на спасението, истакна г. Петар.