Погребните церемонии за починатите од пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржат во текот на денешниот ден во Кочани, Штип, Облешево и Скопје.

Триесетте жртви од Кочани ќе бидат погребани во 12 часот. На погребот ќе присуствува поглаварот на Македонската православна црква, Г. Г. Стефан, ќе има и неколку владици од Синодот.

Погребот на загинатите од Штип ќе биде во 11 часот, а меѓу нив се и членовите на ДНК, Филип Стевановски и на Александар Коларов.

Погреб ќе има и во Облешево во 13 часот.

Пејачот на бендот ДНК, Андреј Ѓорѓиески, ќе биде погребан во 10 часот на градските гробишта Бутел, соопшти неговото семејство. Членката на бендот и професорка на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), Сара Пројковска ќе биде погребана на гробиштата во Лисиче во 12 часот.  Погребот на младиот музичар од Струмица, тапанар на бендот, Ѓорѓи Горѓиев ќе биде на градските гробишта во Струмица  од 12 часот.

Владата вчера на седница ги задолжи државните институции и препорача до локалната самоуправа и приватниот сектор да ги ослободат од работа сите вработени на подрачјето на Кочани.

Медиумите ќе известуваат за погребот оддалечени на 300 метри од капелата, за да се зачува приватноста на ужалените семејства.

Текстот Денес погребни церемонии за загинатите во дискотеката во Кочани е превземен од МАКФАКС.