Денеска на армискиот полигон „Криволак“ се реализираше Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Swift Response 22“ каде беа презентирани воздухопловни десантни операции проследени со падобрански скокови, хеликоптерски и копнени активности на припадниците на армиите на САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Шпанија, Црна Гора, Грција, Албанија и Република Северна Македонија.
Во рамки на денешната активност се обрати министерката за одбрана Славјанка Петровска која потенцира дека вежбата „Swift Response 22“ ги покажа своите капацитети за одлично планирање, тренинг и заедничко координирање и дејствување.
„Она што денес го видовме на кое што бевме сведоци не беше пркос на моќ и демонстрација на воена сила туку демонстрација на нашето единство обединетост, на нашето сојузништво. Војниците од aрмиите на Северна Македонија, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Шпанија, Црна Гора, Албанија и Грција покажаа што значи колективна подготвеност и совршена интероперабилност. Всушност ја пратија најважната порака: кога сте НАТО, не сте сами“, рече Петровска.
Во тој контекст Петровска додаде дека во НАТО Алијансата нема мали и големи, нема прв и последен, нема натпревар за елиминација, туку подарена рака и сојузничка поддршка.
Министерката Петровска во своето обраќање се осврна и на армискиот полигон „Криволак“ за кој нагласи дека нејзин личен приоритет ќе биде овој тренинг полигон да продолжи да се развива со што ќе придонесеме за силна Алијанса која е столб на нашите демократии.
„Тренинг центарот Криволак да продолжиме да го развиваме согласно потребите за обука и тренинг на припадниците на нашата Армија, но се разбира, тој ќе понуди и специфични сегменти за тренинг и обука кои ќе ги користат и нашите сојузници и стратешки партнери. Ова го гледам како уште една неверојатна можност за сите наши сојузнички земји и армии да ги зајакнат капацитетите на заедничка работа за уште подобро меѓусебно запознавање и создавање меѓусебна доверба која не остава простор за никаков сомнеж“, потенцираше Петровска.
На крајот од своето обраќање министерката Петровска упати благодарност до заменик-командантот на Армијата на САД за Европа и Африка, генерал мајор Питер Ендрузијак за напорите во организирањето на оваа вежба, до бригадниот генерал Николас Каули на Армијата на Обединетото Кралство, за неговата посветеност и посветеноста на неговите војници на оваа вежба, на сојузниците – Франција, Италија, Шпанија, Албанија, Црна Гора и Грција за нивниот придонес кон овој извонреден приказ на единство и сила, како и на бригадниот генерал Стивен Ламбрехт од Националната гарда на Вермонт, со кој ги очекуваме нашите следни соработки.
Заменикот командант на копнените сили на САД за Европа и Африка, генерал-мајор Петер Ендрусјак, во своето обраќање пред присутните кажа дека речиси 10.000 припадници на НАТО сојузничките сили, се вклучени во оваа вежба која симултано се реализира од Балтикот, Норвешка, и овде на „Криволак“ во Северна Македонија каде се случува и најголемиот дел од вежбата со најмногу припадници.
„Вежбите како Swift Response се од витално значење за нашата комбинирана подготвеност и интероперабилност – и не би биле успешни без силното партнерство што го имаме со нашиот доверлив сојузник во НАТО – Северна Македонија“, потенцираше генералот Ендрусјак.
Генералот Ендрусјак додаде дека со ваквите вежби покажуваат дека силите на САД за Европа и Африка служат како стратешки безбедносен партнер во регионите на Балканот и Црното море и истовремено упати благодарност до сите сојузници учесници на вежбата и до граѓаните на Северна Македонија.
Во рамки на Денот за високи гости се обрати и командантот на борбениот тим на 16. Воздухопловна бригада на Обединетото Кралство, бригадниот генерал Николас Коули кој упати благодарност до нашата земја како одличен домаќин кој има одличен полигон за обука кој им овозможува да извежбуваат различни видови тренинг за да ја покажат својата подготвеност и да покажат дека се подготвени за НАТО предводени операции. Тој кажа дека за време на вежбата од исклучителна важност е тоа што работеле заедно со уште осум други НАТО земји, а со тоа да покажат дека може да реагираат како НАТО за краток временски период.
На Денот за високи гости присуствуваа претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на армијата, Стево Пендаровски, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, пратеници од Собранието, амбасадорите на САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Грција, Шпанија, Албанија и Црна Гора, генералите во Армијата на Република Северна Македонија, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на земјите учеснички на вежбата и НАТО, одбранбени аташеи акредитирани во земјава и други гости.