Во земјава денеска е втор ден на жалост по сообраќајната несреќа на македонскиот автобус во која вчера на автопатот „Струма“ во Бугарија загинаа 45 патници, а седум се повредени.

Владата вчера прогласи тридневна жалост на територијата на целата држава за жртвите од трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија.

За време на деновите на жалост државното знаме на сите институции, како и на дипломатските претставништва на земјава во странство, се истакнати на половина копје, а одложени се сите јавни настани.

Ден на жалост за настраданите во автобуската несреќа денеска е прогласен и во Бугарија и во Косово. Во Бугарија ден на жалост е прогласен поради сообраќајката, но и поради пожарот во старски дом во кој настрадаа неколку лица, а во Косово е прогласен ден на жалост поради тоа што во автобусот имало и косовски државјани.