Денот на младоста – 25 мај, кој се славеше во поранешна СФР Југославија како роденден на Јосип Броз Тито, повторно и годинава ги собра почитувачите на ликот и делата на претседателот на СФР Југославија, Тито, во Музејот на Југославија во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.
Поранешните Титови пионери, како и сите почитувачи на ликот и делото на доживотниот југословенски претседател и маршал, продолжуваат да го слават Денот на младоста со собирање во Куќата на цвеќето.
Стотици, ако не и илјадници луѓе „поминаа“ низ Музејот на Југославија и Куќата на цвеќето, каде почиваат Маршалот и неговата сопруга Јованка Броз.
На убаво уредената патека која започнува од булеварот на Кнез Александар Караѓорѓевиќ и завршува пред Куќата на цвеќето, покрај српскиот, се слушаа и разни јазици, главно од земјите на поранешна Југославија, од Северна Македонија до Словенија, а имаше и „вистински“ странци.
Во помали или поголеми групи „пионерите“ доаѓаа да му оддадат почит на славниот Тито, многумина носеа знамиња на СФРЈ со легендарната петокрака, маици со тробојка и црвена ѕвезда, а некои беа облечени во полн „пионерски“ стил, од бела кошула или маица, преку црвен шал до сина „титовка“ со, се разбира, петокрака на челото.
Пред музејот имаше паркиран Фичо, индустриски симбол на некогашната „Југа“, а се продаваа и сувенири од времето на „братството и единството“, значки, знамиња, капи, фигури на Тито и магнети со симболи на социјалистичката држава, како и слики од маршалот, кои брзо беа распродадени по цена од 15 евра.
Неколку стотици млади социјалисти, облечени во црвени маици со знамиња на СПС, влегоа во музејскиот комплекс со транспарент на кој беа испишани делови од државната химна на СФРЈ: „Стоиме цврсто…“. Сепак, тие мораа да платат влез во Куќата на цвеќето.
На денешен ден, 25 мај 1892 година, е роден поранешниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Јосип Броз Тито. За време на неговото владеење, 25 мај се славеше како Ден на младоста.