Пејачката Деми Ловато за прв пат прозборе за нејзиното предозирање во 2018 година и откри дека во тоа време неколку минути ја делеле од смртта.
28-годишната пејачка повторно проговори за предозирањето во најавата за нејзината документарна серија насловена „Dancing With the Devil“ која ќе може да ја гледате од 23 март на „Јутјуб“
„Имав три мозочни удари и срцев удар. Лекарите ми рекоа дека имам уште пет до десет минути“, изјави Ловато во најавата.
„Благодарам на моето семејство, пријатели и обожаватели што останаа покрај мене сите овие години додека учам и растам. Јас сум толку возбудена што конечно ја споделувам оваа приказна со вас“, напиша Ловато во објавата на својот инстаграм-профил.
Пејачката неодамна изјави дека предозирањето ѝ предизвикало „оштетување на мозокот“ и дека до ден денес се справува со последиците од тоа.
Ловато во 2018 година беше итно пренесена во болница, откако беше пронајдена во бесознание во нејзиниот дом.
Пејачката со години се бореше со зависноста од кокаин и алкохол и извесно време помина на рехабилитација. До таа 2018 година, како што вели била „чиста“ шест години.
Во минатото, неколку пати искрено зборуваше за злоупотребата што ја доживеала како дете и за нарушувањата во исхраната со кои се борела со години. Преку интервјуа, Деми откри и дека страда од биполарно растројство.
Еден месец пред предозирањето, таа ја објави песната „Sober“ во која навести дека се вратила на дрогата. Преку песната им се извини на родителите и обожавателите за повторното посегнување по опијати.