Белата куќа соопшти дека ќе испрати специјални тимови во жариштата со коронавосот низ САД за да се борат против многу заразната делта варијанта на вирусот, испраќајќи притоа и итен повик до сите Американци кои досега не се вакцинирале тоа да го сторат веднаш.
Џефри Зиентс, вишиот советник во Белата куќа, одговорен за борба против Ковид-19, изјави дека тимовите ќе бидат подготвени да го забрзаат снабдувањето со потребната опрема за тестирање, како и да ја зајакнат терапевтската нега во заедниците кои забележуваат зголемување на случаите на коронавирус.
Просечниот седумдневен број на случаи со Ковид-19 во САД во однос на минатата недела е зголемен за 10 проценти, јави во вторникот директорката на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) Рошел Валенски. Таа посочи дека позаразната делта варијанта на коронавирусот, што за првпат беше откриена во Индија, веќе е втората најраспространета варијанта на коронавирусот во САД.
-Јасно е дека заедниците во кои луѓето се уште не се вакцинирани се ранливи, рече Валенски, додавајќи дека во околу 1.000 окрузи низ САД, стапките на вакцинација се под 30 проценти.
Зиентс додаде дека федералните служби ќе им помогнат на заедниците преку натамошно ангажирање на здравствениот персонал, а ЦДЦ ќе им помогне во борбата против потенцијалното ширење на инфекцијата.
САД и натаму се светски лидери во вакцинацијата против Ковид-19, со повеќе од 180 милиони граѓани кои примаат барем една доза од вакцината.