Скок на бројот на заразени од Делта сојот на ковид-19 деновиве се регистрира во Израел. Забележителен е фактот што околу половина од возрасните категории кои заболеле од овој сој се комплетно имунизирани со вакцината против коронавирус на компанијата Фајзер, пренесува „Волстрит џурнал“. Како што пишува весникот, се очекува владата повторно да ја стави во сила одлуката за носење маска на затворено и да врати ред други мерки со цел да се запре проширувањето на новиот високо пренослив вид.
Advertisements
Весникот пренесува дека половина од заболените се деца на возраст под 16 години кои воопшто не примиле вакцина против корона вирусот. Властите минатата недела започнаа со имунизирање и на деца на возраст помеѓу 12 и 15 години откако Делта сојот најпрвин се појави во училиште во централен Израел и продолжи да се шири на други возрасни категории.
Иако бројот на нови случаи во Израел е релативно низок според глобалните стандарди, новите над 200 случаи на ден, регистрирани во четвртокот, од околу 10 на ден, колку што беа во поголемиот дел од јуни, го вклучија алармот кај властите. Земјата сега повторно ги преиспитува своите регулативи за ковид-19 откако се обиде да го отвори своето општество и економија по повеќекратните блокирања минатата година.
„Варијантата Делта ја смени динамиката на трансмисија“, предупреди проф. Ран Балицер, од најголемата израелска организација за управување со здравството, „Клалит“.
Варијантата Делта, која првпат се појави во Индија кон крајот на 2020 година и е позната уште како Б.1.617.2, досега е откриена во повеќе од 70 земји. Во САД, експертите за јавно здравје очекуваат наскоро да стане доминантен вид.
Израелските здравствени власти се оптимисти дека дури и ако варијантата се прошири, доказите од земјите како Велика Британија покажуваат дека вакцината ќе спречи тешка форма на болеста и хоспитализации, што го мачеа здравствениот систем во претходните месеци од епидемијата. Израел евидентирал само пет тешки случаи во изминатите 10 дена, вели проф. Балицер, додавајќи дека сѐ уште е рано да се знае што би можело да се случува во иднина.
Во Израел ослободени од обврската за носење маска беа деца под седум години, лица со попреченост којашто ги спречува да ја носат маската или двајца работници кои работат редовно заедно. Владата го откажа задолжителното носење маска на затворено пред 10 дена и ги отфрли повеќето други превентивни мерки по спроведувањето на една од најбрзите кампањи за вакцинација во светот. Околу 80% од Израелците на возраст од 16 години и повеќе добиле две дози на вакцина што ја развија „Pfizer“ и германскиот партнер „BioNTech SE“.
Израелските здравствени власти соопштија дека високо заразниот вид најверојатно влегол во земјата преку главниот меѓународен аеродром, во близина на Тел Авив, каде што системот што требаше да го провери секое ново пристигнување преку тестирање бил преоптоварен во последните денови, поради напливот на патувања во странство.
Во средата, владата го одложи донесувањето на одлуката за влез во земјата на странски туристи од 1 јули до 1 август и повторно ги наметна условите за задолжително носење маска на аеродромите.
„Нашата цел во овој момент, пред сѐ и најважно, е да ги заштитиме граѓаните на Израел од варијантата Делта, која се врти во светот“, изјави израелскиот премиер, Нафтали Бенет, во средата.