Македонската делегација која присуствува на годишната конференција на Меѓународната Асоцијација на шефови на полиции, предводена од Директорот на БЈБ, Александар Јанев, се сретна со Директорот на ИЦИТАП, Грегори Дукот и неговиот тим.

Темите за дискусија беа фокусирани на продолжување на одржливоста на проектите имплементирани со поддршка на Владата на САД преку Амбасадата на САД во Скопје, вклучувајќи мобилни камери за снимање кои се користат од страна на сообраќајната и граничната полиција во државата, како и процесот на дигитализација кој ќе продолжи со забрзан тек во Министерството за внатрешни работи, а во насока на успешно справување со криминалот и корупцијата на сите нивоа.

Концептот за полициско-граѓанско партнерство „До Вас, за Вас” е еден од приоритетите на раководството во МВР, кој во периодот што следи ќе биде имплементиран на целата територија на нашата држава. Во текот на посетата на САД, нашата делегација имаше прилика да се запознае со моделот на полицијата од Бостон за блиска соработка со граѓаните.

Нашата визија е јасна, македонската полиција да се зацврсти на високо ниво со професионалност, отчетност, транспарентност како и релевантен и рамноправен партнер за соработка со странските агенции за спроведување на законот во борбата со глобалните предизвици и облици на организиран и транснационален криминал.