Помошникот министер за внатрешни работи Муамет Реџепи и заменик-директорот на Секторот за униформирана полиција, Шефик Бајрами престојуваат во дводневна посета на Полициската управа на Шибенско-книнската жупанија во Хрватска.

Како што соопшти МВР, станува збор за пријателска возвратна посета, што се реализира на иницијатива на невладината организација Хрватско-македонска тангента, со седиште во Шибеник.

– Освен стручниот дел каде се одвиваа разговори за заедничките проекти на двете министерства за внатрешни работи, македонските гости остварија средба и со градоначалникот на Шибеник, Жељко Буриќ, кој ги информира за хрватското искуство во ЕУ, поточно со искуството на Градот Шибеник во неговиот фасцинантен развој и просперитет со користење на европските средства од ЕУ фондовите. При тоа тој конкретно препорача Македонија уште сега сериозно да подготвува кадри за работа со европски фондови, се наведува во соопштението.

Помошникот министер Реџепи од своја страна информираше за актуелните теми врзани за меѓународна полициска соработка во рамки на европскиот дискурс во кој хрватската полиција има значајна улога.

– Взаемно е потврдена желба и подготвеност за натамошно развивање и продлабочување на соработката меѓу двете фундаментални институции кои досега беа вистинска парадигма на европските стремежи, се додава во соопштението.

Македонската делегација оствари средба и со членовите на Хрватско-македонска тангента, каде се запознаа со меѓународното делување на оваа невладина организација, која досега има остварени бројни проекти.

На иницијатива на Хрватско-македонската тангента, делегација на полициската управа на Шибенско-книнската жупанија, предводена од заменик-началникот Ивица Костаниќ и хрватскиот претставник на ИПА, Драган Влах, од 7 до 10 декември 2022 година остварија работна посета на земјава.