Претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ следната година и можностите за продлабочување со соработката со оваа меѓународна организација биле во фокусот на средбата на претседателот Стево Пендаровски со претседателката и генералниот секретар на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Маргарета Седерфелт и Роберто Монтела.

Соговорниците, како што соопшти Кабинетот на претседателот, размениле мислења за подготовките што се спроведуваат за преземање на претседавањето со ОБСЕ, како и за приоритетите на македонското претседавање.

Во таа насока, претседателот Пендаровски посочил дека земјава, со оглед на променетите безбедносни околности, ќе се фокусира на обнова на стабилноста преку враќање на дијалогот и довербата, додавајќи дека енергетската безбедност, еколошките прашања, почитувањето на човековите права и доброто владеење, како и младинските политики, ќе бидат дел од приоритетните задачи на нашето претседавање.

Претседателот се заблагодарил за севкупната поддршка од Парламентарното собрание посочувајќи дека Северна Македонија ќе биде отворена за какви било конструктивни предлози кои имаат за цел да ја унапредат улогата на ОБСЕ за време на нашето претседавање и изразил подготвеност за интензивна комуникација, координација и јакнење на заедничките активности.

Пендаровски ја поздравил улогата на ОБСЕ и истакнал дека Северна Македонија високо ги цени нивните напори во обезбедување на стабилноста, демократизацијата и социо-економскиот развој на регионот, како и негувањето и јакнењето на меѓупарламентарениот дијалог.