Можно е минимално зголемување на цената на електричната енергија, најави Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски. Вели дека ќе направеле напори да не дојде до зголемување на цената. Одлуката според него е во рацете на Регулаторна комисија за енергетика, иако Државните електрани се клучни во формирање на цената која потоа треба да ја понудат до Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.

Advertisements

„Се надевам и очекувам цената да нема промени во нашиот дел иако ние учествуваме со нешто 40 проценти од вкупната цена на енергија кон крајните потрошувачи. Сметам дека повторно ќе успееме и оваа година да ја стабилизираме цената односно да нема зголемувања или доколку тоа евентуално биде тоа ќе го одлучи Регулаторна комисија да биде нешто минимално“, рече Васко Ковачевски- Генерален директор на АД „ЕСМ“.

Од МЕПСО побарале двојно зголемување на струјата поради како што велат, реализација на инвестиции. Иако ланската година ја завршија со речиси шест милиони евра загуба, од МЕПСО тврдат дека загубите не се поради лош менаџмент, туку поради намалување на меѓуграничните капацитети како и на новите правила за балансирање.

„Ако досега платиле сметка односно за 1.000 денари платиле 35 за МЕПСО денари ние побаравме да се платат 70 денари. Но, последниот збор го има Регулаторната комисија за енергетика. Не би сметал дека е трагично бидејќи сметам дека сите овие приходи од фактурите се инвестираат на соодветно место бидејќи имаме далноводи од 50 и 60 те години и треба да се модернизираат“, рече Куштрим Рамадани- Генерален директор на АД „МЕПСО“.

Цената на струјата претходната година се покачи за 7,4 отсто по барање на енергетските компании, со што во моментов граѓаните плаќаат 5,95 денари киловат час во високата тарифа. За можното зголемување на цената на струјата ќе се знае на крајот на јуни, а доколку има промени граѓаните сметките по нова цена ќе почнат да ги плаќаат од прво август годинава.

Андреа Чобанова