Партијата на Кирил Петков, Продолжуваме со промените, поднела декларација во бугарското собрание со која Илинденското преображенско востание го прогласила за бугарско. Тоа веднаш создаде, во најмала рака, нелагодност во македонската јавност дека Бугарија продолжува со историските провокации кон Македонија, што пак е добра основа во политичкиот дискурс да се крене алармот дека уставните измени не заслужуваат да бидат направени.
Потоа следеше мини медиумска дебата дека тоа всушност не била „онаква“ декларација, туку дека станувало збор за усно искажување на политички став на една партија за одредено прашање. Сепак, и без да навлегуваме во толкување и анализа на деловникот на бугарското Собрание, факт е дека декрацијата, усна или писмена, сеедно е декларација само за домашна употреба. И ништо повеќе. Иста каква што ќе биде и нашата што утре ќе биде доставена до македонското Собрание.
Бугарското Собрание и нашето можат секој ден да носат такви декларации, за секој важен историски датум, за секоја историска личност, но тие не излегува надвор од сопствениот праг. И добро е што е така, затоа што заврши времето на резолуции и декларации со кои Бугарија можеше да врши уцени на билатерален план, со меѓународна подршка.
Историските прашања сега мора да поминат преку мешовитата комисија за историски прашања, и таму ќе застанат се додека не се постигне соодветен компромис од двете страни. Но тие не се веќе услов за напредокот на Македонија на евроопскиот пат и тоа сите бугарски партии го знаат. Единствените услови за што Македонија треба да ги исполни се оние содржани во преговарачка рамка, која е европска.
Клучната обврска преземена од нашата страна се уставните измени и прашање на трезвеност е дали некои странични влијанија од Бугарија ќе ги изместат политичките партии од трасираниот европски пат.
Од утре почнува комисиска расправа по предлогот за измена на Уставот на која политичките партии од власта и опозицијата ќе ги вкрстат аргумените за и против. Таму, всушност, би требало да се пеглаат разликите што ги имаат едните и другите околу начинот и условите под кои треба да се случат овие уставни измени. Тоа ќе биде и првиот тест за политичката атмосфера со која потоа иницијативата за уставни промени ќе се најде на пленарна седница.
Десетдневната дебата ќе треба да резултира со гласње кога ќе се види дали во меѓувреме е постигнат консензус меѓу политичките партии и дали ќе има двотретинско мнозинство за уставните измени да се случат.
Според изјавите на претседателот Пендаровски тоа сепак нема да се случи пред крајот на септември. Доколку оваа најважна фаза помине со позитивно изјаснување од мнозинството во Парламентот, целата процедура треба да заврши до ноември кога ќе заврши и скринингот.
До тогаш ќе се случуваат домашни политички превирања зачинети со европски зачини и американски шмек.
Бугарија секако нема да ја има главната улога во кујната, иако ќе има обиди за замешателство.
Превземено од Рацин.мк