Пишува: Никица Корубин

Со доаѓањето на Отоманите на Балканот, сме ја изгубиле својата држава и речиси 500 години сме биле под Отоманската империја која правела се’ за да ги исламизира Србите, и значаен дел од нив е исламизиран и сега тие се викаат Бошњаци” – вели Додик, два пати во една недела, ре-креирајќи еден подзаборавен дел, во нова свежа употреба на суштината на локалните и регионалните хегемонии и митолошкото конструирање (фалсификување) на историјата; и која изјава фрла малку светлина на (не)логичните политички врски на средна Европа (пред се’ Унгарија, но и Австрија, Словачка) со Балканот (Србија, Хрватска, Северна Македонија).

И ако ја аплицираме оваа изјава на Додик во “македонски услови”, кој, хипотетички, би требало да биде де-исламизиран, односно “асимилиран” кај нас?

На веќе подзаборавената секуларизација на Јени Џамија, како и на одамна “покриената и уништена”, Имарет џамија; иако религиозно наследство од Отоманската империја, главната јавна реакција, секогаш доаѓала од страна на Албанците, кои оправдано се чувствуваат како своевидна “мета” на сите вакви “културни” дејствија.

Исламот, во свеста на современите Македонците, доминантно не се поврзува со историското наследство, или пак со Турците или Бошњаците, кај нас, туку речиси исклучиво со Албанците. Иако и тие, како и Македонците, кои се и католици, протестанти и муслимани, се и католици и православни. Но, нивниот втор “грев”, покрај тоа што се Албанци, е и што се (и) муслимани.

И иако во времето на изборот на новиот папа, можеби е бласфемично, да се потсеќаме на Крстоносните војни во 11-от, 12-от и 13-от век; токму тие, а не Селџуците, Османлиите и Отоманската империја, нанеле повеќе штета, преку безмилосните грабежи на старите христијански (хеленистички) центри, и го “послале патот” за падот на Источното Ромејско Царство (Византија), наместо нејзина одбрана, за која доаѓале; со благослов на тогашните папи, во текот на неколку века.

И за разлика од нив, кои позади себе, оставале, опустошени византиски храмови и палати, “чуварите исламот”, на Европа и светот, му ја оставиле зачувана античката традиција, книжевност, филозофија и историски дела.

Но, дали всушност Додик, јавно го кажува, она што го мисли целата “правоверна” (спротивна од надлежноста на Вселенската патријаршија), православна, клеро-националистичка “елита”, од христијанскиот дел на Балканот?

Дека “исламот” е толку голем грев, без разлика во која форма доаѓа – како вера, како носители на верата, како миграција – па, прави конфузен “миш-маш” во кој е (намерно) измешано се’: од “супериорноста на српскиот свет” (со Црна Гора, БИХ и Косово), преку “православното братство со Македонците”, завршувајќи со историскиот чувар и противник на “отоманската муслиманска империја”, реминисценцијата на Австро-Унгарија, Орбан и Унгарија?

Тоа што во површната, неточна и наменска приказна и наратив, континуирано и константно, речиси цел 20-ти век, а сега и во нова форма во 21-от век, се мешаат историски недоследности, манипулации и фалсификати; избегнувајќи го реалниот историски, културолошки и цивилизациски континуитет; прави од Албанците и нивниот ислам, кај нас вистинска опасност за “лесен влез” во овие мрачни и декадентни, и апсолутно историски и современо, на македонска штета – “светови” (српски, австро-унгарски, чисто-христијански)?

Вештачкото и историски неточно “ќерќинство” на МПЦ-ОА кон “мајчинството” на СПЦ е само видлив пример, на поголема невидлива тенденција, на “политичката асимилација” на Албанците, која се одвива кај нас.

За кого всушност е непожелен и непознат исламот? Штетен, историски сигурно не е, за кое сведочат сите совршено сочувани византиски храмови, современо уништувани од нас, нашата негрижа и “историска и културолошка” неписменост.

Но, очигледно е се’ уште “страшен”, за наративот на “чистите (правоверни) христијани” и историскиот пат, преку славата на Византија, до империјализмот на новото време. Со, потенцијално, разорни политички последици по нашиот современ живот и европско општество.

И овие ксенофобични и геноцидни изјави, кои се’ почесто се присутни во јавниот простор; дали ќе не потсетат на нашето незнаење за нас самите, или на нивната вистинска намера? И дали конечно ќе откријат дали одбраната на “идентитетот” што ја кочи нашата ЕУ сегашност и иднина е еднакво “контаминиран” или “чист”? Што вели “експертизата” од север?