Град Скопје информира дека е деблокиран процесот за клучката кај Момин Поток и дека градежните активности продолжуваат со забрзана динамика. По период на застој, продолжува реализацијата на една од најважните сообраќајни точки во градот, каде се пресекуваат неколку клучни правци.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека по неколкумесечен застој, повторно се работи на проектот кој се смета за една од најстратешките точки во Скопје.
Во тек е изградбата на атмосферскиот канализациски систем Ф1200 на булеварот „Никола Карев“, во должина од 550 метри – од мостот над Серава до булеварот „Словенија“.
Паралелно, на истиот булевар се гради нов мост над Серава, кој ќе премостува три ленти во едната насока и четири во другата, со вкупна ширина од 44 метри.
Се подготвува и надвозник долг 43,5 метри до булеварот „8 Септември“, кој ќе биде премостен од булеварот „Никола Карев“ и ќе го поврзе кружниот тек со турбо кружниот тек.
Од Град Скопје наведуваат дека дел од активностите се изведувале во сложени услови поради густ сообраќај и нерешени имотно-правни односи, но дека процесот е деблокиран и динамиката на работа се забрзува.
Според најавите, оваа сообраќајна спојка ќе донесе олеснување за илјадници граѓани преку побрз проток, намалување на метежот и современ пристап до градот.
Текстот Деблокиран процесот за клучката кај Момин Поток – продолжува изградбата со забрзано темпо е превземен од МАКФАКС.






















