Годишната дебата во Европскиот парламент за резолуциите за Западен Балкан заврши, се чека гласањето. Дебатата во голема мера се фокусираше на ситуацијата со Северна Македонија и блокадата од Бугарија.
Освен бугарските пратеници центар десно и крајно десните партии кои земаа збор, останатите европратеници денеска побараа што побрзо да отпочнат преговорите со Северна Македонија, која доби зелено светло пред една година, а препорака пред дванаесет години.
Европратеничката Тинеке Стрик, од групата на Зелените, нагласи дека Северна Македонија направи длабоки и често болни реформи за да дојде до ова и потсети дека останува да се направат напори во многу области како правата на жените, на малцинствата, корупцијата и владеењето на правото, и дека земјата покажала волја за соработка со соседите.
-Испраќањето на специјален претставник во Бугарија е знак на добра волја, но за решение е потребна соработка од двете страни, ова не смее да биде пречка за да се исполни ветувањето за почеток на процесот, граѓаните на Северна Македонија чекаа доволно долго, да го докажеме нашиот кредибилитет, изјави Стрике.
Андреа Шидер од групата на Социјалдемократите, исто така оцени дека Скопје заслужува поддршка од целата ЕУ.
-Ми се чини дека блокадата од страна на бугарската влада е погрешен чекор, рече Шидер и побара иднината да не се држи во заложништво во дебатите за минатото.
Неговата колешка од Словенија, Тања Фајон, со поостар тон порача дека ветото на Бугарија е неодговорен чин и дека треба да биде повлечено веднаш. Фајон, заедно со колеги од нејзината партија и од партијата на Зелените се автори на амандман за овој извештај, во кој се оценува дека Бугарија е провокативната страна во овој спор и во кој се повикува Софија на повеќе конструктивност.
Со умерен тон настапи и бугарскиот пратеник од Социјалдемократите, Петар Витанов.
-Не сакам да се конфронтирам со колегите од мојата политичка група, меѓутоа можам да зборувам како Бугарин само, рече Витанов за контроверзните амандмани и додаде дека конфронтацијата ја храни екстремната десница во Бугарија, што ја користи ситуацијата во предизборни цели.
Витанов порача дека ја поддржува Северна Македонија но дека земјата треба да ги почитува добрососедските односи.
-Во дијалогот помеѓу Северна Македонија и Бугарија потребен ни е динамизам, а не динамит, изјави бугарскиот европратеник.
Европратеници од Бугарија, од владејачката партија како и од екстремната десница, Ковачев, Џамбаски и Јорданов, настапија со агресивен тон споредувајќи ја Северна Македонија со Северна Кореја, меѓудругото.
Пратеников Андреј Ковачев од Европската народна партија оцени дека бугарската заедница во Македонија била мнозинство пред комунизмот, додека неговиот колега Јорданов рече дека во Македонија имало геноцид врз Бугарите.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, од своја страна изрази надеж дека сѐ уште е можно тоа да се одржи првата меѓувладина конференција под сегашното португалско претседателство на ЕУ, пред први јули, и инсистираше на потребата од конструктивен дијалог со Бугарија.
-Добрососедските односи се суштински дел од напредокот кон ЕУ, билатералните договори, Преспанскиот со Грција и Договорот со Бугарија треба и натаму да се имплементираат во доверба од сите страни, ги охрабрувам Скопје и Софија да ги удвојат напорите за да изнајдат заеднички прифатливо решение за билатералните прашања, ги охрабрувам сите страни да се однесуваат конструктивно и да се воздржат од изјави и акции кои ги поткопуваат пошироките интереси на ЕУ, изјави Вархеји.
Тој оцени дека Северна Македонија има уште многу работа во делот на реформите.
-Одлуката на земјите членки на ЕУ да отворат преговори со Северна Македонија беше историска, и со нетрпение очекуваме да се усвои преговарачката рамка и да се свика првата меѓувладина конференција, се надевам сѐ уште за време на ова претседателство, рече Вархеји.
За крај Вархеји ги повика европратениците да дадат поддршка за процесот на проширување кон целиот регион.
-Повеќе од било кога ЕУ ќе продолжи да стои со нејзините партнери на западен Балкан, иднината на регионот, рече тој, се наоѓа во ЕУ.
Време е за нас да испорачаме, дополни, оваа Комисија е силно посветена да го исполни ова ветување, за ова ни е потребна поддршка од земјите членки и од овој дом, треба да се движиме и да се движиме брзо, повика еврокомесарот за проширување.
Гласањето ќе се одржи доцна попладнево околу шест часот.
ИЗВОР МИА