Не само Ромите, туку и добар дел од граѓаните не се свесни дека се директно или индиректно дискриминирани. Недовербата постои и кон институциите и органите надлежни за санкционирање на сторителите – оние кои дискриминираат. Токму оваа позитивна дискриминација Ромите ги поврзува со матичната евиденција, но тие повлекуваат и проблеми со социјалната и со здравствената заштита, образование, домувањето и со други сфери на живеење, беше речено на денешната дебата во Делчево по повод 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите.

Дебатата на тема „Овој дом верува дека Ромите во Македонија не се дискриминирани” ја организираше дебатниот клуб на Младински образовен форум (МОФ) при НВО „КХАМ” локална канцеларија Делчево, а се одржа во Средното општинско учичиште Методи Митевски – Брицо.

Според Сара Ангелова, учесник во дебатата, непознат е точниот број на ученици Роми кои се надвор од образовниот систем, а евидентен е и големиот процент на напуштање на образованието, како и нискиот степен на писменост кај децата од ромската етничка припадност.

-Најчести причини за оваа состојба се недоволното познавање на македонскиот јазик, нискиот степен на образование на родителите и лошата социо-економска состојба на семејството. Не ја спомнувам и сегрегацијата на децата Роми во образованието. Во ноември 2019 година Хелсиншкиот комитет, заедно со уште четири организации од Мрежата за заштита на права на Ромите, достави поднесок до Специјалниот известувач за малцински прашања на Обединетите нации, во кој го информираше за три клучни проблеми околу употребата на ромскиот јазик во образованието, рече Ангелова.

Ставовите изнесени на денешната дискусија, како што истакнаа организаторите, не ги искажуваат мислењата на самите учесници, туку се пример за тоа како треба да функционира самиот дебатен клуб. Со дебатата „Овој дом верува дека Ромите во Македонија не се дискриминирани” во Делчево заврши одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите.