Денеска во малата сала во СЦ „Борис Трајковски“ се одржа Собранието на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија на која присуствуваа 15 од 18 делегати, 11 придружни членки, како и претставник од Агенцијата за млади и спорт.
Со мнозинство гласови од присутните делегати Дејан Митровски – Урко е реизбран за претседател на Федерацијата, додека Драган Атанасовски за генерален секретар на федерацијата, а избрани се и членови на Управниот одбор на КМФМ како и на Надзорниот одбор.
– И овој пат се кандидирам за претседател на КМФМ пред се затоа што сметам дека работата која што ја започнав е успешна и сеуште не е завршена и дека можам да дадам уште и подобри резултати. Самите сме сведоци на тоа каде и какви бевме порано, каде и какви сме сега. Но, секако можеме уште, можеме повеќе и можеме подобро. Зад мене стојат големи спортски достигнувања, најпрво како натреварувач и репрезентативец на оваа федерација, подоцна како тренер, член на управен одбор, селектор, претседател и секако како еден од основачите на кикбокс федерацијата. Моето спортско досие е доказ за мојата долгогодишна усешна и напорна спортска работа и залагање.
Сметам дека иако сме дел од еден поединечен спорт, ние сме тим и понатаму треба да работиме тимски во интерес на спортот, натпреварувачите, младината и секако татковината. Ви благодарам и спортски ве поздравувам – истакна старо-новиот претседател на Кикбокс Маитаи федерацијата, Дејан Митровски-Урко.
Тој напомена дека во новиот мандат ќе се залага за уште поголеми достигнувања на европските и светски ВАКО и ИФМА првенства, помногубројна репрезентација и повеќе медали, учество на Европските олимписки игри 2023 година. Акцент ќе се стави на едукација на судиите, подготовки и заеднички клубски тренинзи за натпреварувачи, со цел јакнење и подобрување на комуникацијата и искуството на натпреварувачите и тренерите како и привлекување на нови спонзори кои ќе помогнат Кикбокс Маитаи федерацијата да бележи уште подобри резултати.
Седницата на Собранието се одржа со почитување на протоколите за заштита од вирусот, со безбедна дистанца, мерење температура, носење маски и средства за дезинфекција.