Датумот на локалните избори останува 17 октомври согласно Изборниот законик. Поклопувањето на пописот со кампањата за изборите нема да промени ништо, а можно е пописот и порано да заврши, рече премиерот Зоран Заев.

-Датумот според предлогот од работните групи во коишто учествуваат сите политички партии е 17-ти. Односно нема промени на датумот којшто е утврден во самиот Изборен законик и досега. Имаше дилеми заради трите дена поклопување на пописот со кампањата, но на крајот се одлучи дека трите дена не менуваат ништо. Пописот е обична активност која што финишира преку ден, кампањите се водат навечер. Впрочем пописот секојпат се вршел 20 дена, овој пат е определен 30 дена, може навистина да се заврши и порано и тоа што ќе остане последните три дена затоа што е дефиниран по законот од 1 до 30 септември, а не е од 5 до 25 како што беше прво проектирано,  значи има доволно време така што нема потреба од какви било промени на датумот на изборите, рече Заев на новинарско прашање по пуштањето во употреба на детска градинка во Стајковци.

Во однос на прагот на поднесување на независните листи, договорено е тој да изнесува два отсто од вкупниот број на избирачи.

-Ако има општината 10 илјади избирачи треба 200 потписи за да се поднесе независна листа. Ако има 50 илјади избирачи треба илјада потписи да се поднесе независна листа, вели Заев.

Појасни дека преговорите се водеа повеќе од месец дена со учество на сите парламентарни политички партии, при што договорени се и денот за датумот на изборите, модалитетите за отворени или затворени листи, како и за сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, меѓу кои и препораката за унифицирање на прагот на неопходни потписи за поднесување на листите.