Двесте терминали за читање на отпечатоци од прсти утре ќе бидат испратени од компанијата „Дермалог“ од Германија во Скопје, а откако ќе поминат сите царински формалности, најверојатно, во понеделник апаратите ќе бидат во канцелариите на Државната изборна комисија (ДИК), каде треба да биде извршено нивно примопредавање, изјави за МИА претседателот на ДИК Александар Даштевски.

Откако терминалите ќе пристигнат во земјата, инжинери пратени од „Дермалог“ ќе извршат обука за ракување со нив, а потоа таа обука ќе биде вметната и во планот за едукација на ДИК.

Даштевски е дециден дека се ќе биде подготвено за локалните избори закажани за 17 октомври бидејќи има два месеци до изборите.

На локалните избори во земјата првпат гласачите ќе се идентификуваат со вчитување на отпечаток од прст. За набавка на терминалите, како и целокупниот систем и нивното одржување за следните четири циклуси е потпишан договор со германската компанија Дермалог.

До први октомври во земјата сукцесивно треба да пристигнат нарачаните 4000 терминали за изборите.