Данскиот парламент усвои нов данок на јаглерод, највисок во Европа, кој треба да го плаќаат компаниите во европскиот систем за тргување со емисии и оние надвор од него, објави Владата.

Владата смета дека новиот данок е клучен за постигнување на амбициозната цел за намалување на стакленички гасови за 70 отсто до 2030 година од нивото од 1990 година.

Ова е досега најголемиот единствен придонес за намалување на емисиите до 2030 година – рече во изјавата министерот за даноци Јепе Брус.

До крајот на деценијата, компаниите во европскиот систем за лиценцирање ќе плаќаат 1.125 дански круни за испуштен тон јаглерод диоксид. Износот ќе се состои од 375 круни данок и проектираните трошоци за дозвола за испуштање на тон јаглерод диоксид во 2030 година од 750 круни.

Компаниите кои користат минерали во производството, како што е производителот на цемент Алборг Портланд, најголемиот загадувач меѓу компаниите во Данска, ќе плаќаат данок од само 125 круни над цената на дозволата за да го спречат производството да оди во странство. Компаниите надвор од трговскиот систем за лиценцирање ќе плаќаат данок од 750 круни.