Украина се бори за цела Европа, додека Русија не покажува знаци дека сака мир и дека ќе застане кај Украина, изјави денес данската премиерка, Мете Фредриксен во Архус.

„Мора да ја зајакнеме нашата поддршка за Украина бидејќи таа се бори за сите нас“, рече Фредриксен на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

По повод преземањето на ротирачкото претседателство, данската влада го прими Колеџот на комесари на Европската комисија во Архус, вториот по големина град во Данска.

„Ни секунда не верувам дека Путин сака мир и има намера да застане кај Украина, затоа мора да ја ставиме Украина во најсилната можна позиција“, рече Фредриксен, додавајќи дека е потребно да се продолжи со работата за слабеење на руската економија, зајакнување на санкциите и запирање на увозот на руски гас.

Претседателката на Комисијата, фон дер Лајен, изјави дека одлуката на САД делумно да ја суспендира воената помош за Украина покажува дека ЕУ мора да ја засили својата поддршка за нападнатата земја.

Фон дер Лајен ги повика земјите-членки да ја користат кредитната програма SAFE, вредна 150 милијарди евра, за воена помош за Украина, преку купување воена опрема за Украина или инвестирање во украинската одбранбена индустрија.

Данската премиерка додаде дека нејзината земја почнала да инвестира во производство на оружје и друга воена опрема на украинска територија уште порано.

„Функционира многу добро, бидејќи тие произведуваат побрзо, подобро и поевтино од сите нас“, рече Фредриксен, додавајќи дека Украинците сè уште имаат 40 проценти неискористен капацитет за производство на оружје и опрема.

Таа, исто така, оцени дека запирањето на американската помош за Киев би значело „сериозен удар за Украина, Европа и НАТО“.

(Фото: ЕПА)