Данска и Словачка ќе ги затворат трговските центри и продавници во пресрет на Божик за да спречат ширење на коронавирусот.

Данската Влада ќе го стори тоа од утре, а другите продавници ќе бидат затворени од Божик па натаму, објави весникот Екстра Бладет, без да наведува извори.

Супермаркетите и другите продавници за храна ќе останат отворени, пренесува Хина.

Словачка, пак, ќе го ограничи движењето на луѓето од сабота наутро до 10 јануари, освен во неизбежни ситуации, за работа и престој во природа. Повеќето продавници, исто така, ќе бидат затворени.

– Ситуацијата е посериозна од кога било, предупреди министерот за здравство Марек Крајчи. Владата го повика населението за време на празниците да се дружат со само уште едно семејство. (МИА)