Донација од Германија во висина од 16.000 евра денеска е предадена во поликлиниката во Шуто Оризари. Набавена е опрема и медицински материјали, а дел од донацијата се и лична заштитна опрема и кислородните маски.
За министерот за здравство Венко Филипче, донацијата е значајна бидејќи набавена е опрема со која ќе се зголеми пристапот и квалитетот на здравствена заштита на граѓаните од Шуто Оризари.
– Во оваа поликлиника имаат пристап граѓани од многу ранливи категории. Во изминатиот период интензивно работевме и по подолг временски период, ја решивме и кризата со наоѓање на гинеколог. Во овој момент трае постапката за набавка на опрема со која што ќе биде опремена оваа ординација така што конечно ќе има на располагаме гинеколог во оваа поликлиника, изјави Филипче на примопредавањето на донацијата.
Тој најави и реновирање на поликлиниката на почетокот на следната година, а во рамки на институцијата е отворен и центар за брзи тестови и има дежурна служба и лабораторија.
Донацијата од Германија е на иницијатива на сојузната Влада за време на германското претседателство со Советот на Европската унија.
Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн истакна дека Германија досега го има поддржано регионот на Западен Балкан со 15 милиони евра, а Европската унија со три милијарди евра во кои Германија учествува со скоро една третина.
– Со оглед на состојбите, главен акцент на нашето претседателство беше справувањето со пандемијата и нејзините последици. Овде во регионот на Западен Балкан имаме партнери кои при борбата со пандемијата можат да се потпрат на нас, рече Холштајн, посакувајќи им брзо опоравување на сите граѓани кои се борат со вирусот.