Добитник на реномираната награда за поезија „Михаи Еминеску“ за 2023 година, која ја доделува истоимената Меѓународна академија од Крајова, Романија, на чело со професорт д-р Јон Деаконеску и Европската академија на науките, уметностите и хуманистичките науки, е македонската поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, уредничка, доктор на науки и универзитетска професорка, Даниела Андоновска-Трајковска.

Светскиот фестивал на поезијата се одржа од 16 до 21 јуни во Крајова, Романија, а Андоновска-Трајковска освен наградата која ја доби за својот оригинален стил на пишување во кој ги осветлува секојдневните аспекти на живеењето и постоењето, доби и златен медал „Михаи Еминеску“ за нејзините заслуги во областа на културата во национални и светски рамки.Таа е прогласена и за амбасадор на културата за нејзиното суптилно разбирање на различните култури, промоцијата на духовното наследство и книжевноста.

На фестивалот учествувале 32 значајни поети од САД, Шпанија, Чиле, Мексико, Аргентина, Белгија, Сенегал, Конго, Србија, Бугарија, Грција, Црна Гора, Романија, Косово, Италија, Индија, Северна Македонија и Бразил чија поезија беше претставена во повеќе институции и локации.

Учесник на фестивалот од Северна Македонија беше и познатиот поет Борче Панов, кој доби златен медал „Михаи Еминеску“ и, исто така, беше прогласен за амбасадор на културата за неговите заслуги во областа на културата, но и неговото влијание во светската литература.

Инаку, деновиве од печат излезе и првата книга на романски јазик од Даниела Андоновска-Трајковска, „Човечињата од хартија и Бог“ која беше промовирана во рамките на фестивалот „Михаи Еминеску“.

Книгата е во превод на познатиот поет и преведувач Константин Северин, корицата е дизајнирана со слика од реномираниот полски уметник Витолд Закржевски, а ја издаде издавачката куќа „Еикон“ од Букурешт.

Рецензијата за книгата ја напиша универзитетската професорка по книжевност на Универзитетот „Стефан цел Маре“ од Сучеава и член на Друштвото за наука на Романија, д-р Елена-Брандуша Стеичиуц, која истакна дека книгата се одликува со оригинален стилски и модерен израз, во некои делови мистериозен, со печат на македонската култура, но во исто време и универзален, а Андоновска-Трајковска е значајна поетеса која ќе има големо влијание во книжевноста.

Книгата „Човечињата од хартија и Бог“ од Даниела Андоновска-Трајковска ќе биде претставена и на Меѓународниот саем на книгата “Alma Mater Librorum” во организација на Универзитетот „Стефан дел Маре“ што се одржува утре.