Пишува: Ана Василевска

Никола Алексов, детектив по професија кој беше именуван за вршител на должноста директор на Младинскиот културен центар а чие нерегуларно поставување го утврди Управниот суд со пресудата на 28 април, е повторно именуван на 20 мај со решение од градоначалничката на Данела Арсовска.

Како што тврдат извори на НоваТВ, членовите на Управниот одбор на МКЦ имајќи ја предвид пресудата, укажале и се противеле на одлуката за реименување на Алексов, но решението било потпишано од Арсовска и истото се држи во тајност.

Како што стои во пресудата на Управниот суд „решението за именување вршител на должност број 08-616/ 1 на 17.01. 2023 година на градоначалникот на Град Скопје, СЕ ПОНИШТУВА“

Понатаму во образложението на судот јасно е потенцирана незаконитоста на постапката за избор на Алексов.

„Оценувајќи ја законитоста на оспореното Решение, Судот најде дека истото е незаконито поради правилата на постапката, односно од причина што истото содржи такви суштествени недостатоци, што ја спречуваат оценката на законитоста на истото.“, пишува во образложението на пресудата.

Прашината која се крена околу самоволието на Арсовска и назначувањето на несоодветен кадар на местото на директор на МКЦ, почна од денот на неговото назначување. Тогаш пак Арсовска обвини за наводни нерегуларности во работата на институцијата.

По овие обвинувања, програмските уредници на Младинскиот културен центар, излегоа на прес конференција, и побараа да престане мобингот и заканите кон вработените, и доколку има нерегуларности тие да се докажуваат по законски и правен пат. Тие беа децидни дека поставувањето на директорот кој е професионален детектив, е политизација и партизација на институцијата и бараат да се отвори фер и регуларен конкурс за избор на квалификуван директор на МКЦ.

Но, потоа правадата ја побараа на суд од каде што стигна пресудата. Сепак, за Арасовска таа не е важечка.

Превземено од Новатв.мк