Премиерот Зоран Заев, на средбата со претставниците на Сојузот на средношколци, порачал дека треба да се излезе во пресрет и низ дијалог да се најдат компромисни решенија.
Средношколците, информираат од неговиот кабинет, како претставници на Сојузот му ги образложиле на премиерот Заев своите барања, повикувајќи се на образовните модели во Франција, Белгија и Обединетото кралство, каде е намален бројот на предмети, кои матурантите ќе ги полагаат годинава.
-Како одговорна Влада инвестираме во младите луѓе и водиме грижа за квалитетно образование и понатамошен напредок. Свесни сме дека во време на корона кризата е потребно да излеземе во пресрет и низ дијалог да изнајдеме компромисни решенија, изјавил премиерот Заев при средбата со претставниците на Сојузот на средношколци, информираат од неговиот кабинет.
Со ова се поставува прашањето дали премиерот оди контра министерката за образование и наука Мила Царовска, која неколку пати порача дека не може среде учебна година да се менува моделот на полагањето на државната матура и дека како министерство се должни да обезбедат полагање на матура за оние матуранти кои сакаат да се запишат на факлутет.
Од страна на средношколците, Царовска постојано добива критики дека не сака да ги прифати нивните барања. Истите средношколци за Заев велат дека бил подготвен да преговара и разговара.