Фатмир Дехари повторно е кандидат на ДУИ за Кичево на локалните избори на 17 октомври. Но дали се Интегративците унифицирани во однос на поддршката на неговата кандидатура? Пред два дена на одбележувањето на 23 годишнината од паѓањето на Беќир Лимани, Муса Џафери и Изет Меџити беа видени заедно со Фатмир Лимани кој е независен кандидат за Кичево.
Таканаречената Огнена група неколку пати беше рамо од рамо со Лимани, затоа во јавноста се појавија дилеми дали тие ќе го поддржат на 17 октомври. ТВ21 побара одговор од Муса Џафери но тој не одговори конкретно. Рече дека тој ден било само одбележување на годишнината и дека не станува збор за политичка активност.
„Нема да се произнесам, Фатмир Лимани е независен кандидат, има свој штаб, има свои луѓе и советничка листа, најдобро да се обратите таму.“, вели Џафери.
Инаку Фатмир Лимани ќе добие поддршка од Алтернатива која го повлече својот кандидат за оваа општина, а истото го побара и од својот коалиционен партнер, АА.
Но од АА се уште немаат одлучено кој кандидат ќе го поддржат за Кичево.
„Тоа е прашање за кое јас не би сакал да дискутирам и да се изјаснам без да седнам со моите структури во Кичево, јас имам структури во Кичево.“, изјави Села.
На изборите на 17 октомври во Кичево ќе настапат 4 кандидати за градоначалници, Фатмир Лимани како независен, Фатмир Дехари како кандидат на ДУИ, Александар Јовановски на ВМРО-ДПМНЕ и Ѓорѓи Билески од Македонска ера. На овие избори, освен Алијанса, кандидат нема да има ниту СДСМ. Тие за Кичево настапуваат само со советничка листа заедно со коалицијата.