Никица Корубин

Постојат два клучни моменти, во генералниот конструиран наратив, за објаснување на етничката припадност на Македонците, кои се основа за дефинирање на националната припадност; а тоа се припадноста и постоењето. Иако, тие фигурираат во временски распон од речиси 15 века, суштината е иста: припадноста е “општа” – дел сме од големата група на “словенски народи” – и како такви, сме “гости” на територијата; чие постоење како (словенски) народ го должиме на “Тито и СФРЈ”.

Тоа што, историски како “словенски народи” се третираат уште десетина народи низ Југоисточна, Средна и Источна Европа; не го менува фактот, што на ниту еден – освен на Македонците – не им е задолжително “закачен” терминот Словени. Што ја прави првата голема идентитетска конфузија, на која само, како на совршена основа се надоврзува втората и финална идентитетска конфузија – “да не беше СФРЈ македонските Словени (измислен и непостоечки термин) никогаш нема да станеа Македонци”. Со други зборови, нашето постоење и идентитет го должиме секогаш на “другите” – Словени или Југословени сеедно.

И тука не се проблем никакви историски факти, теории, тези и заклучоци; туку е проблем екслузивниот пристап, што е наменет само за нас. Во таа смисла, терминот од современата историографија “Словени”, никако не може да биде употребен во современа смисла за Македонците, а најмалку во идентитетска смисла, како што на пример Грците за себе идентитетски не велат дека се (чувствуваат) Хелени или Албанците не велат дека се (чувствуваат) Илири. Тие се современи Грци или Албанци, кои култоролошки и цивилизациски се врзуваат за културата на Хелените или Илирите. Како што никогаш на пример, ниту еден Србин за себе не рекол дека е Словен. А, уште помалку некој Украинец.

И тука доаѓаме до етногенезата, која била и останува најчувствителната тема на современите историски и сродни науки (историја, археологија, етнологија, културна антропологија, па се до ДНК истражувањата во последните децении). Потребата од “славно или директно потекло” многу често го компромитира читањето на историските факти и нивната интерпретација како современа научна теза. Затоа што во историјата постои една темелна законитост, без која не може да зборуваме воопшто за историја, а тоа е: континуитетот. Без разлика дали ние денес, знаеме или не за него, преку директни историски извори или толкување на различни движни и недвижни наоди.

И токму континуитетот е тој што го формира и идентиетот на една етничка заедница (или народ) кој живее на определена територија, која денес има граници на современа држава. Што не враќа на почетокот на текстот: ако од нашата историја како основа за “идентитетски дефиниции” се земени два наратива – целосно извадени од временски и историски контекст, Словените од 6-7 век од н.е и СФРЈ од средината на 20-от век – тоа е директно уништување на основата на историјата, а тоа е континуитетот. А, без континуитетот нам, суштински ни се одзема идентиетот и право на историјата на нашата територија.

Ниту миграциите на Словените, се случиле во временски вакум и празна етнички, култоролошки и цивилизациски територија; ниту пак концептот на СФРЈ и Македонците како еден од народите, “паднале од небо”. Туку, биле резултатат на сопствениот континуитет, од сопственото најблиско минато – првата половина на 20-од век, а пред него и 19-от век. И сето делување, чувство, идентитетска припадност, сфаќање и разбирање; било производ на нивното време и нивните животи.

И ниту една современа интерпретација, конструирана, лажна или вештачка, не може да го промени минатото. Единствено што може да го “промени” минатото, односно наративот за него се сталинистичко-комунистички методи на “бришење на неподобните” или екстремите на woke културата за “ре-креирање на подобно минато” по мерка на нашите вредности.

И во тој, современ континуитет, составен дел е историското ВМРО (организацијата). Чиј последователен континуитет, како за исклучително силна и влијателна формација и култура на отпор и борба за автономија и независност, согласно сопствените историски околности, се најпрво луѓето од времето на нејзиното формирање, а потоа и луѓето кои живееле во првата половина на 20-от век и кои на истата основа и идеја, во променета политичка констелација ги создале и АСНОМ, како влез во современа државна формација, на чии основи во 1991 година ќе се формира и првата независна држава.

И секое узурпирање, (зло)употреба, искористување, надвор од историскиот контекст на името ВМРО, се чини дека било и е во функција на монополизирање и компромитирање на идејата за формирањето на историската организација од нивното време во крајот на 19-от век, време на распадот на големите империи и создавање на совемените држави.

Во стилот на создавање на наративот за “идентитетот” со попатна компромитација преку градење на “култура на анимозитет” на анти-албанска и особено анти-бугарска основа; со цел трајно уништување на идејата и околностите во кои е создадено историското ВМРО, преку уништување на сеќавењато за него. И тогаш и сега.

На секоја теорија за етногенеза и треба територија. И токму таа, многу често е користена како алатка за освојување и присвојување на определена територија. Конструираниот наратив за современите Македонци како Словени или Југословени, кој се обликува како академски и историски прифатлив, не’ третира како “територија” без потреба од “народ”. Затоа што кога на историјата ќе и го земеш континуитетот, ќе остане “празна територија” која можеш да ја “пополниш” со кого сакаш и што сакаш. Идентиетот е во континуитетот. Кој ниту почнал во 6-7 век ниту пак завршил во 1945 година.

А, може да опстане само како современ, инклузивен и суштински базиран на принципите на независна држава со сопствени етнички идентитети, кој го градат националниот идентитет кој се темели на еднаквост и почит, чиј историски континуитет произлегува и е содржан во цивилизациите на Источниот Медитеран. Со попатните и завршени епизоди за Словените и Југословените. Илирите се подразбираат, нив никој никогаш немал потреба, а ниту можност да ги претопи во било каква “аморфна маса”.