Изминативе години меѓу најгледаните видеа на „Јутјуб“ секако се оние кои вклучуваат отпакување и коментирање најразлични уреди и производи. Секако, со тоа се запознаени и од компанијата „Гугл“ и веќе некое време размислувале како уште повеќе да заработат од овој популарен тренд.
Нивниот фокус е на видеа направени од корисниците на најпопуларната видео платформа во светот кои прават најразлични рецензии на производи и уреди.
„Гугл“ верува дека токму поради големиот број на видеа со таква содржина и нивната голема популарност ширум светот го прави „Јутјуб“ идеалнa платформа за продажба на производи.
Наводно, веќе започнало тестирањето на новата опција што ќе им овозможи на корисниците автоматски да го пронајдат производот кој се споменува во одредено видео на „Јутјуб“.
Така, „Јутјуб“ на своите корисници би им препорачувал линкови во врска со производот, што ќе ги однесе до е-продавниците на производителот, па дури и ќе им препорача уште подобри и погледани видеа поврзани со истиот производ.
Според кратките соопштенија од „Гугл“, споменатите препораки би требало да се појават помеѓу препорачаните видеа, а целта е да им се овозможи на корисицните што побрзо да добијат информации за одреден производ што ги интересира.
Иако засега има многу малку информации за оваа нова опција, на социјалните мрежи веќе се појавија првите критики од корисници кои велат дека ваквиот алгоритам задолжен за препорачување на производи може да започне да ги „потрупува“ корисниците со бројни „спам“ видеа, а не само со оние „најквалитетните“ или „најгледаните“.
Агенцијата „Блумберг“ уште на крајот на минатата година пишуваше дека „Гугл“ сака да влезе во „светот на продажба на Интернет“ и со тоа ги предупреди сите јутјубери или корисници на „Јутјуб“ од кои голем дел веќе заработуваат од оваа платформа, да оставаат линкови од „АлиЕкспрес“, „Амазон“ или „иБеј“ од производите или уредите кои ги спомнуваат во своите видеа.
Сепак, важно е да се знае дека засега нема многу официјални информации за ова, освен дека, доколку се случи, „Јутјуб“ најпрво ќе им ја понуди оваа опција за купување на корисниците во САД, а дури потоа ќе се спроведе во остатокот од светот.