Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро денеска изјави дека неговата Влада ќе побара дозвола за итна употреба на спреј за нос против Ковид-19, развиен во Израел, што премиерот Бенјамин Нетанјаху го опиша како „лек – чудо“.

„EXO-CD24 е спреј за нос развиен од медицинскиот центар „Ичилов“ во Израел, со речиси 100-процентна ефикасност против Ковид-19 во сериозни случаи“, напиша Болсонаро на Твитер, два дена по телефонскиот разговор со Нетанјаху, кој го нарече „добар пријател“.

„Барањето за анализа на овој лек за итна употреба ќе биде испратено наскоро до (федералниот здравствен регулатор) Анвиса“, напиша Болсонаро.

Медицинскиот центар „Ичилов“ пред две недели објави дека еден од неговите истражувачи извршил фаза 1 – обично прва од трите фази на клинички испитувања – на спреј за нос развиен против респираторни симптоми поврзани со Ковид-19.

Истражувачот Надир Арбер рече дека испрскал 30 пациенти со умерени до тешки случаи на Ковид-19 и дека 29 од нив биле пуштени од болница по три до пет дена.

Но, медицинскиот центар не соопшти дали е даден плацебо препарат на контролната група и сè уште не ги објавил своите откритија во научно списание.

Болсонаро ги поддржува и лековите против маларија „хлорокин“ и „хидроксихлорокин“ за борба против Ковид-19.

Тој лично го зеде вториот лек кога беше позитивен на тестот минатиот јули, и покрај тоа што научниците откриле дека двата лека се неефикасни против новиот коронавирус

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.