Поминаа две години од насилниот упад во американскиот Конгрес, моментот кога поради политичките и лични амбиции на еден човек, загрозена беше демократијата во САД. Настанот на 6 јануари 2021 години беше како пресликан од тој на 27 април 2017 година, кога група насилници влегоа во македонското Собрание во обид да тепаат и убијат народни избраници.
Гледајќи ги првичните снимки, но и анализирајќи ги настаните кои претходеа на двата упади во најголемите тела на демократијата во Северна Македонија и во САД, се забележуваат доста сличности, а на моменти и преклопувања што отвора сомнеж дека двата настани се инспирирани и организирани од еден центар.
Цивил на својата медиумска платформа, веднаш по настаните во САД во 2021 година, објави анализи во кои посочи на сличностите меѓу двата настана со што се отвори сомнежот дека еден ист центар стои во позадина.
ПОВИК ОД ЛИДЕРИТЕ ЗА „ЗАЧУВУВАЊЕ НА ДРЖАВАТА“
Пред да започнат протестите „За заедничка Македонија“, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во својот последен обид да ја задржи власта го повика народот „да не седи дома по папучи“ и да излезе да преземе нешто. По тој повик активисти и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно водеа протести кои кулминираа со упадот во македонското Собрание.
„Македонското сценарио“ во САД беше доста слично пресликано, каде што Трамп, свесен дека ги загуби изборите и дека ќе треба да ја напушти претседателската фотелја, ги повика неговите симпатизери „да се борат за да не ја загубат државата“. Неколку часа по ваквиот повик, групата на демонстранти пред Капитол Хил упаднаа внатре во обид да спречат мирна промена на власта.
Ваквите „подбуцнувања“ од страна на лидерите, беа искрата која го запали народот, кој неколку години претходно беше подгреван и подготвуван за вакво сценарио преку дезинформации и лажни вести од различни анти-демократски актери.
ВО САД, ПОЛИЦИЈАТА ГИ ЗАШТИТИ НАРОДНИТЕ ИЗБРАНИЦИ, А РЕПУБЛИКАНЦИТЕ ГО ОСУДИЈА НАСИЛСТВОТО, КАКО БЕШЕ КАЈ НАС?
Сепак, главната разлика меѓу САД и Северна Македонија е реакцијата на полицијата и службите, кои ги штитат народните избраници и демократијата. Додека во македонското Собрание полицијата не презеде ништо за да ги заштити пратениците, а дел од избраниците од ВМРО-ДПМНЕ се поздравуваа, гушкаа и пееја со демонстрантите, во САД полицијата и службите ги заштитија животите на сите народни избраници, а токму Републиканците беа меѓу првите кои повикаа да запре насилството, да се стави ред и да се почитува демократијата.
Сфаќајќи дека битката му е загубена, дури и Доналд Трамп го осуди насилството и повика на смирување. Слична порака, барем првично, упати и Груевски, десетина часа по упадот во Собранието, кога рече дека институциите треба да преземат мерки, обезбедат докази и остро ги казнат сите насилници.
Сепак, ваквиот став на Груевски брзо се смени. Откако институциите, со обезбедени докази, изнесоа предмети пред судот за нападот на Собранието, тој бараше запирање на прогонот на насилниците кои се обидоа да ја урнат македонската демократија.
ПОЛИТИЧКИ ИГРИ СО СУДБИНИТЕ НА НАПАЃАЧИТЕ ОД 27 АПРИЛ
За нападот на македонското Собрание, осудени беа 16 од 17 обвинети лица за терористичко загрозување на уставниот поредок. За нападот на американскиот Капитол Хил обвинети се преку 930 лица, а според најавите на американските институции ќе следуваат и уште обвиненија. Од нив, скоро 450 признаа вина.
И додека во САД сите страни се согласни дека насилниците кои се обидоа да ја рушат американската демократија треба да бидат осудени, во земјава ситуацијата е поинаква. ВМРО-ДПМНЕ, уште под водство на Груевски, а и сега под водство на Христијан Мицкоски активно протестира и бара да бидат ослободени осудените и обвинетите за терористичко загрозување на уставниот поредок.
Опозициската партија редовно ги користи судбините на лицата кои ги искористи и ги излажа да водат валкана битка за тие да останат на власт со цел добивање на ситни политички поени. Сепак, очигледно дека грижата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за овие луѓе се сведува само на тоа, добивање на политички поени и доаѓање на власт, ако се земе предвид дека одредени про-опозициски портали веќе започнуваат со повторна трговија на судбините на овие луѓе, односно искористување на некаква амнестија со цел договарање на коалиции и избори.
ДЕМОКРАТИЈАТА ПОБЕДИ, НО „ВОЈНАТА“ ПРОДОЛЖУВА
Сега, на речиси шест години од упадот во македонското Собрание и две години од упадот во американскиот Конгрес, станува јасно дека најголемата закана за демократијата се политичарите кои во својата болна желба за задржување на власта се спремни да ја ризикуваат и државата. Тие, потпомогнати со дезинформации и лажни вести „украсени“ со радикално-десничарски наративи, најчесто организирани и поттикнати од руски, домашни и трети анти-демократски агенти, креираат хистерија кај народот со цел рушење на демократијата.
За среќа, овие два настани, иако оставија огромни белези на демократијата во двете земји, не беа успешни. Демократијата победи и во Северна Македонија и во САД, но борбата против луѓето и организациите кои се подготвени да ја жртвуваат државата за свои лични цели не смее да запре. /PMD/
Извор: Frontline.mk