Официјалната портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, изјави дека Москва постојано добивала уверенија од српското раководство дека извозот на муниција е под строга контрола и дека оружје од српско производство нема да биде испорачано во Украина.

„Москва постојано добивала уверенија од раководството на Србија дека извозот на муниција од српско производство е под строг надзор и дека оваа стока нема да биде испорачана во Украина, со цел да се спречи Киев да ја користи против нашите војници“, рече Захарова на редовниот брифинг, коментирајќи ги изјавите на претседателот Александар Вучиќ во интервју за германско списание за подготвеноста на Србија да продава муниција на Европската Унија.

Зборувајќи за изјавите на српскиот претседател, Захарова додаде:

„Знаете, кога ги читам сите тие интервјуа на претседателот на Србија, се прашувам дали навистина постои само еден претседател Вучиќ, бидејќи се добива впечаток дека овие интервјуа ги даваат сосема различни луѓе. Слушаме одредени изјави кога е во Москва, а сосема различни кога зборува од други географски точки. Зборувам само за она што е во јавната сфера. Можеби медиумите погрешно известиле нешто, но во тој случај треба да има објаснување од прес-службата на претседателот“, истакна Захарова, објавија руските државни агенции.

Таа потсети дека руската страна на највисоко ниво постојано слушала гаранции од Белград за почитување на неутралноста и контрола на извозот на оружје:

„Искрено кажано, неколку пати, и на највисоко ниво, добивме изјави од српското раководство дека извозот на српска муниција е строго контролиран и дека оваа стока нема да заврши во Украина, со цел да се спречи нејзина употреба против нашите војници“, нагласи портпаролката на руското МНР.

Таа, исто така, потсети дека „руските војници постојано му приоѓале на помош на братскиот српски народ“.

„Одбивам дури и да ја разгледам не само можноста, туку и самата помисла дека руските војници, кои историски ги дале своите срца – во секоја смисла на зборот, давајќи ги своите животи или изразувајќи љубов и лојалност кон своите српски браќа – би можеле да бидат погодени или убиени од српско оружје, муниција и гранати“, заклучи Захарова, објави РИА Новости.

Претходно, Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) објави дека Белград наводно испратил муниција во Киев, и покрај својата прогласена неутрална позиција. После тоа, Вучиќ изјави дека „сите спорни испораки ќе бидат откажани доколку има сомнежи во врска со документацијата или крајниот корисник“. На 23 јуни, тој објави дека Србија го суспендирала извозот на муниција и дека ќе бидат потребни посебни одлуки за секоја идна пратка во странство, пренесуваат медиумите во регионот.

Текстот „Дали има само еден претседател Вучиќ, интервјуата се чини дека ги даваат сосема различни луѓе“, вели Захарова е превземен од МАКФАКС.