Превземено од Дојче Веле на македонски јазик
Поддршката во РСМ за Русија не е толку изворна, колку создадена со лажни вести и зајакната од неуспехот на проширувањето на ЕУ, вели директорот на Институтот Преспа, Андреја Стојковски Постои ли реално „проруско расположение“ кај дел од граѓаните на Северна Македонија, или таквата перцепција најмногу се должи на латентно незадоволство, поради неисполнетите очекувања во однос на евроинтеграцискиот процес? Истражувачите на јавното мислење и досега се обидуваа да дојдат до одговори на ова прашање, кое пак дополнително се актуелизира по руската агресија врз Украина. Едни од оние кои го бараат одговорот е и Опсерваторијата на влијанието и имиџот на државите, која функционира во рамките на Институтот Преспа, чие истражување покажало промена споредено со 2020 година. Истражувањето е спроведено во јануари годинава на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници и на фокус-групи од осумте региони во земјава.
„Дел од промените се почувствуваа и во други слични истражувања“, вели извршниот директор на Институтот Преспа, Андреја Стојковски. Промените најмногу се забележуваат во одговорите на прашањето „Генерално гледано, која држава или меѓународен сојуз/унија е најголем пријател на РСМ?“
„На пример, постои нарушување на имиџот на Европската Унија. Сѐ помалку граѓани ја препознаваат како пријател или поддржувач на државата, 7,8% во 2022 година, споредено со 17% во 2020 година. На пример, единствено оние со магистериуми и докторати го препознаваат НАТО (7,1%), или некоја од државите-членки на ЕУ (Германија 36%) како пријатели и поддржувачи на Македонија“, објаснува Стојковски.
„Православна, смела, голема…“
Според податоците на Опсерваторијата, и покрај реално малото присуство на Русија во земјава, оваа држава има добар имиџ кај македонските граѓани.
„Русија (со 4,3%) е третиот најголем пријател на Македонија за гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш зад Србија и САД, односно вториот најголем пријател на Македонија (со 6,3%) за гласачите на Левица, веднаш зад Србија. Од гласачите на СДСМ 1,1 % ја идентификуваат Русија како пријател на РСМ, или некаде кон десетото место. Русија не се појавува како земја пријател кај гласачите на ниту една од партиите на Албанците во РСМ“, објаснува тој.
Според истражувањето, кај граѓаните Русија главно се препознава по лидерот, Владимир Путин, дел од асоцијациите зборуваат за Русија како „светска сила“, „антитеза на САД“ или „воена чизма“, а ја опишуваат и како „православна“, „смела“, „цврста“, „голема“… Од друга страна, иако е независна држава, Украина за нашите граѓани се асоцира меѓу другото со „Русија“, „Советски Сојуз“ и „Руси“, а се препознава и како „инфериорна држава“ каде се говори на „руски јазик“. „Сето ова само ја потврдува препознаената поддршка за инвазијата која се следи во јавниот дискурс. Се разбира станува збор за ограничен број на профили од политички партии или политички лидери, но и политичари, новинари, членови на академската заедница кои на социјалните мрежи споделуваат ставови за поддршка на инвазијата, или пак лажни вести за истата. Сепак, она што мора да се напомене е дека лажните вести, иако изворно креација на руската пропаганда, во нашава држава доаѓаат од регионов, главно од Србија. Ранливоста на влијанија од Русија преку посредник, т.е. преку Србија е препознатливо, ако се погледне позицијата на Србија во Опсерваторијата, каде таа е препознаена како најголем пријател на РСМ. Дури 39% од граѓаните ја идентификувале Србија како пријател во 2022 година, споредено со 14% кои го имале ова мислење во 2020 година, како и асоцијациите кои потсетуваат на оние за Русија: ‘православие’, ‘пријатели, ‘патриоти’“, објаснува Стојковски. Што може да се изведе како заклучок? „Ако ги имаме предвид сите променливи, тогаш поддршката за Русија не е толку изворна, колку создадена со лажни вести за одржување на лажните ставови и перцепции, а зајакната со објективниот неуспех на политиката за проширување и нашето пристапување во ЕУ. Ако западните либерални демократии сакаат да го спречат натамошниот негативен развој, престројувањето на С. Македонија и дестабилизацијата на регионот, тогаш треба да се потрудат целосно и трајно да нѐ прицврстат не само во НАТО, туку и во ЕУ. Се разбира, според новата или нова методологија и што побргу“, оценува Стојковски.
Полигон за нови кавги
Токму проценките за „про“ вакво или онакво расположение, веќе се претворија во полигон за нов серијал меѓупартиски критики. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера ја критикуваше неодамнешната изјава на македонскиот претседател, Стево Пендаровски, за ова прашање.
„Она што мене ме загрижува е дека во политичка смисла етничките Македонци се вртат кон политичките ставови на Русија. Особено загрижувачки е што над 40 отсто од јавноста смета дека алтернатива на ЕУ е Евроазиска унија, а некои од партиите се предоминантно за оваа опција, што може да направи проблем околу идните процеси“, изјави Пендаровски за „Утрински брифинг“ пред пет дена.
Мицкоски, во синоќешното гостување на ТВ „Сонце“ изјави дека тоа што се случува во Украина служи за дефокусирање од реалните проблеми кои ги имааат македонските граѓани, а до власта упати и критики, и навредливи изрази.
„Најинтересни ми се коментарите, кога повторно некои политичари, јас ги нареков глодари кои сѐ уште го очекуваат парчето од фамилијата на власт, го делат народот во Македонија на проруски или проукраински итн. И внесуваат повторно еден вид поделба меѓу населението, наместо да обединуваат. Но, тие партиски глодари треба да знаат дека на овој народ му е преку глава од поделби, и дека навистина бара нешто повеќе и од политичарите, и од тие што влијаат врз јавното мислење. Слушнав една изјава од Пендаровски каде со жалење констатира дека народот во Македонија, во огромно мнозинство бил проруски ориентиран, барам тој така кажа. Мора да признаам дека поглупава изјава од државник не сум слушнал. Не можев да се изначудам на глупоста и на леснотијата со која тој го изрефлектира тој свој став. Не е народот проруски, ниту проукраински, туку е промакедонски“, рече Мицкоски.
Според него, реакциите на граѓаните се одраз на револт кон политиките на власта.
„Луѓето, колку повеќе читаат статуси од Заев, од Али Ахмети, од Артан Груби, од Бујар Османи, од Димитар Ковачевски, од Стево Пендаровски, ‘слава Украини’, толку повеќе во знак на револт од овој политички естаблишмент, заземаат таква страна. Тоа е револтот кон политиките од оваа власт, кои се погрешни“, рече Мицкоски.
Од СДСМ реагираа на ваквиот став на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека тој не може да ги процени последиците од неговите незрели изјави.
„Според скандалозната изјава на Мицкоски, сите кои ја поддржуваат агресијата на Русија врз Украина, тоа го направиле поради тоа што читале ‘статуси од Заев, од Ахмети, од Артан Груби, од Османи, Ковачевски, Пендаровски’ и ‘слава Украини’ (…) Наместо да побара обединување околу вредностите зад кои стои целиот демократски свет, Мицкоски го дели македонското општество. Дали Мицкоски се обидува да го следи неговиот партнер Димитар Апасиев кој веќе ги користи зборовите на Путин? Едно е сигурно, ова е манифестација на политички незрел човек, без основно чувство на државност и без можност да ги процени последиците од своите незрели изјави“, реагираа од СДСМ.