Одговорот на насловното прашање веројатно се сведува на многу лична перцепција и толкување на филмот. Сигурно е тоа дека „Манк“ по многу нешта отскокнува од досегашните филмови на Финчер, од агол на режисерската постапка, но и од аспект на естетското во филмот.

Двата клучни фактори се сценариото и црно/белата фотографија. Дилемите околу вредностите на овој филм главно ќе ја колебаат помладата публика токму поради неупатеноста во историјата на Холивуд, непознавањето на моќниците и ѕвездите кои ја создаваа фабриката на соништата. А всушност тие моментни кога филмот толкува едно минато филмско време е идејата на Финчер. А начинот, е вистинска интелектуална проникливост инспирирана од приказната на неговиот татко Џек.

Популарноста на Дејвид Финчер кај пошироката кино-публика, но истовремено и кај посуптилните толкувачи на неговите филмови, може да се објасни и само со еден збор-деликатен. Многузначноста на овој термин со голем опсег, е во тоа што содржи елементи кои се шаролика лепеза од аспекти и рамништа.

Веројатно најблизок синоним е комплексност. Но заеднички именители на неговите филмови можат да бидат и ризикот и скокотливоста и рафинираноста и повеќеслојноста, не ретко и интригантноста. Затоа Финчер е и занимлив и пропулзивен.

„Манк“ е приказна за создавањето на „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс, (филм којшто важи за најдобар на сите времиња) раскажана преку ликот на неговиот сценарист Херман Манкиевич. Сепак, тоа е само обвивката на „Манк“.

Комплексноста е во сликањето на амбиентот на процутот и кризата на Холивуд, луцидно конструирана психодрама со раскошниот цинизам на Финчер. Приказна која урнатиот идеализам го претвора во револуционерна уметност, стамена уметност, љубовно писмо до стариот Холивуд.

Тарантино со својот „Се случи еднаш во Холивуд“ ни подари многу забава, делумно интрига и… богато обоени слики. Монохромниот Финчер пак, претставувајќи ги сите атрибути на тоа филмско време ни донесе софистицирана, возбудлива, но и на потежок начин раскажана приказна.

Можеби, сепак, ова едноставно е приказна за човекот кој стои зад толку многу наши филмски спомени, и притоа создава нова.

За своите пари купувачот не добива ништо освен сеќавања. Тоа што го купил и понатаму му припаѓа на продавачот. Тоа е филмската магија“ – цитат од филмот „Манк“ е преполн со слоеви.

„Манк“ не го реплицира „Кејн“, тој го реинкарнира, го создава „Граѓанинот Манк“.А Гери Олдман е од оние актери кои навистина ги бива. Само уште неколкумина филмски актери ја имаат таа дарба, да ги бива. Филмот доби 2 оскари: за продукциски дизајн и за фотографија

Оценка: 4+