Пишува: Никица Корубин

За да се разбере размерот на кризата кој го предизвика (само)ослабувањето на СДСМ, со кое (ин)директно ја одржуваше и одржува, суштински ослабената ВМРО-ДПМНЕ, после констатирањето на “заробената држава” од страна на Прибе, односно од страна на ЕУ; треба да се потсетиме на периодот пред 2016 година.

Во вака (намерно) конципиран партиско/партократски систем, СДСМ ја има(ше) улогата на лево-либерална и прогресивна матица, која треба(ше) да привлекува широк спектар, не само на партиски членови и симпатизери, туку многу поважно на неопределени и независни гласачи, што би подразбирало и простор за други етникуми, освен Македонците. Со поддршка на цела мрежа (исто така избрани) невладини организации, аналитичари и експерти.

За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ ја има(ше) улогата на национална партија, која треба да ја еманира историската организација ВМРО, како иманентно македонски идентитетски репер, а според тоа да ја ревидира и дефинира историјата по мерка на сегашниот – всушност пост-југословенски наратив. И според тоа да биде патриотската матица, исклучиво за етничките Македонци. Сите други етникуми, ја имале улогата на второстепени партнери, но никогаш на првостепени елитни поддржувачи – за да не се наруши “чистиот” македонски наратив.

Тоа што денес, најекспонираните претставници и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ се всушност “лево-либерални” пост-југословенски елити, само го потврдува инжињерингот на партиската сцена кај нас, во која како секундарна жртва, после маргинализирањето на независните и неопределените, е всушност “македонскиот идентитет” – како опис на современиот македонски граѓанин, кој со години беше “покриен и узурпиран” од една политичка партија, а според тоа и од конретен наменски наратив.

И, ако центарот околу кој гравитираше еманципираниот граѓански став до 2016 година во политичка смисла беше СДСМ, кој е тој денес? Односно, кој би можел во политичка смисла да ја замени суштински (само)укинатата СДСМ? Одговорот ќе биде шокантен, за јавност која е хранета со пропаганда и манипулации, и особено со константен албанофобски наратив – а тоа е ДУИ. И, ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ биле “проектирани” за да ги “држат под контрола” македонските гласачи и граѓани, зарем не е логично, истата улога да ја има(л) и ДУИ со албанските гласачи и граѓани?

Со една разлика – коруптивното, непотистичко, партократско, недемократско поведение низ годините на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, колективно како партии или поединечно како нивни функционери; никогаш не ја спречи медиумската, академската и аналитичка јавност, да ги перцепира сериозно и со пиетет, кога станува збор за стратешките политички процеси и прашања на државата; за разлика од ДУИ, кој секогаш беше и е третиран со ограничувања кои му се дозволени – може да се грижи за Албанците, но никако не смее за Македонците, а особено не смеат да имаат став за стратешки прашања.

Со една задршка и дилема – дали ДУИ е задоволна и комотна во својата улога на “заштитник на Албанците” или има капацитет да биде политички “предводник” во европскиот наратив и ЕУ интеграциите, на сите граѓани на Северна Македонија, и особено на Македонците? Прашањето е хипотетичко и ќе биде третирано како хумористично, затоа што системот на “заробената држава” е поставен секој да има своја улога и таа да не се преиспитува.

Па, така на пример целото флагрантно нарушување на системот на владеење на правото, во време на доминација и одлучувачки глас, низ годините, било на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, станува небитен (контадикција сама по себе), кога тие говорат за “заштита на идентитетот” или “за големи државнички прашања”; ама кога тоа го прави ДУИ, тие се нерелевантни бидејќи се “криминалци” и “националисти”?

Тие двојни критериуми, освен што се показател на “заробената држава”; всушност се и показател на големиот страв од брзината со која Албанците, политички се организираат и вештината со која, културолошки напредуваат, над критериумите кои ги наметнува “заробената држава” за да го држи општеството во прилично заостаната состојба на статус-кво ситуација од пред 30-итна години. Ментално, цивилизациски, економски, комуникациски, образовно, урбанистички, па дури и религиозно.

Всушност, тој партиско/партократски концепт, во која улогата на двете партии е исцрпена, девастирана и релативизирана; ја губат битката на два фронта – кон граѓаните (и Македонци и Албанци и други) кои се по-еманципирани од нив, но и кон системот на контрола на политичкиот живот, илустративно прикажан преку заедничката сатанизација на ДУИ (метафорички и согласно нивната матрица на делување – кон Албанците); за прашања за кои самите се далеку “поискусни”. ДУИ е всушсност организираната политичка структура, која е клучна во вака заробен политички систем, над која немаат контрола.

Ова е време на созревање за сите. И додека ги чекаме локалните избори, во драматично и тектонски променети услови – регионално, европски и светски – за да го видиме уште еднаш појавното, како тоа ВЛЕН не може без ВМРО- ДПМНЕ, а ВМРО-ДПМНЕ без СДСМ; треба да се загрижиме или запрашаме за суштинското: поголемиот дел од еманципираните граѓани (без дилема про-европско ориентирани), ќе останат непретставени.

И ќе го гледаат обидот, на “СНС-изација” на политичкиот живот во НАТО членката Северна Македонија, и кандидат за ЕУ, на која покрај Албанците највеќе им пречат граѓаните. Во која останува да се сруши уште една предрасуда: дека сите овие години за интересот на граѓаните (и на Македонците), за нормално и функционално европско општество (воедно и западно), многу повеќе и без калкулации, се грижеле и ефективно придонеле Албанците и нивните самостојни политички структури, отколку македонските политички и други “елити”. Некогаш е потребен само поинаков поглед, на истите работи. Без предрасуди, таа толку посакувана алатка на нашите “елити”.