РКЕ на денешниот брифинг за новинарите информираше дека всушност доколку се гледа реалната цена, одлуката требало да биде за уште повисока цена на горивата односно ќе требаше дизелот да се зголеми за 10,5 денари а бензините за 5,5 денари, но за да не дојде до толку голем ценовен шок тие направиле баланс во носењето на одлуката за малопродажната цена на горивата со тоа што ги намалиле маржите на трговците.
Маржите како што велат ги намалиле за дури 33% па така ако досега во просек маржа за трговецот изнесувала околу 4,5 денари од литар, сега таа е намалена на 3 денари од литар и така се направил тој баланс.
Од РКЕ исто така информирале дека одлуки за цените на горивата ќе се носат секој ден, но само доколку се исполнат условите. А условите се дека промена на цената на горивата ќе има доколку треба промената на цената да биде за повеќе или помалку од 2 денари од постојната цена. Што значи дека според пресметките ако треба да има промена помала или поголема од 2 денари во тој случај нема да се прави промена на цената, но доколку разликата во цената е поголема од тие плус или минус 2 денари од постојната цена ќе се донесе нова одлука со тоа што ќе има нови цени.