Во врска со новите информации поврзани со трагичниот настан во Кочани, Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува загриженост за сомнежите што се појавуваат во однос на транспарентноста и независноста на институциите надлежни за истрагата.
Како што велат од ДУИ, според информации објавени од истражувачките стории на медиумите, кабарето „Пулс“ било официјално затворено и пломбирано од страна на УЈП во втората половина на декември 2024 година, поради утврдени прекршувања поврзани со неиздавање на фискални сметки.
ДУИ смета дека секој аспект на случајот мора да биде темелно истражен, без селективност и без политички влијанија. Јавноста има право да добие одговори, а надлежните органи имаат обврска да постапуваат професионално и во согласност со законите.
Во оваа насока, особено е важно да се разјасни улогата на сите институции кои имале надлежност врз работењето на локалот каде што се случи трагедијата. Секој пропуст, институционален или индивидуален, мора да биде идентификуван, а одговорните соодветно санкционирани.
ДУИ ја нагласува потребата од независност на истражните органи и повикува на целосна транспарентност во постапката. Политичките шпекулации не смеат да ја попречат правдата, ниту пак неосновани обвинувања да ја нарушат довербата во институциите.
Во име на правдата и владеењето на правото, бараме брза, објективна и непристрасна истрага која ќе ги открие сите релевантни факти поврзани со овој трагичен случај.