Да се повлече актуелниот Предлог закон за легализација на бесправно изградените објекти, да се направи попис и категоризација на дивоградбите за да се утврди нивниот точен број, па потоа да се изработи ново законско решение во кое точно ќе се прецизира кој и каков објект, како и каде и под кој услови ќе може да се легализира.
Ова се дел од главните заклучоци на онлајн јавната дебата иницирана од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за уредување на правниот статус на бесправно изградените објекти.
Како причина за барањето за повлекување на законското решение, кое беше донесено од Собранието, но претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише, беше наведен фактот што согласно процедурите остануваат само 30-тина дена за измени на постојното законско решение пред Собранието повторно да го разгледа, кои според учесниците на дебатата не се доволни за да се спроведе јавна расправа и да се вметнат сите забелешки од стручната фела.
-Не е потребно избрзано решение, туку е неопходно прво да се дефинираат чекорите, а потоа чекор по чекор да се оди кон решавање на ова прашање во насока на тоа повеќе да не се повтори проблемот со дивоградбите, рече претседателката на ДКСК Билјана Ивановска по завршувањето на дебатата.
Нагласи дека дебатата беше корисна и дека од неа ќе се извлечат многу добри заклучоци кои понатаму ќе бидат, како што рече, добра основа за креирање законско решение кое конечно ќе го реши проблемот со дивоградбите и нема само да создава опашки зад себе.
-На тој начин конечно политичките одлуки ќе се засноваат на аргументи дадени од професионалци од фелата кои најдобро си го знаат својот терен за работа, рече Ивановска.
Од дебатата, како што кажа по нејзиното завршување, ќе произлезат заклучоци и препораки кои ќе бидат пренесени до надлежните.
На дебатата покрај претставници на стручната фела учествуваа членовите на ДКСК, луѓе од невладините организации, од министерствата за транспорт и врски и за животна средина и просторно планирање и ЗЕЛС, како и правни експерти од областа на судството и високото образование.