Да се испита почвата пред да се садат лозја, апелира пензионираниот професор Благоја Мишковски, кој го помина работниот век од околу 40 години предавајќи стручни предмети во Средното земјоделско – шумарско училиште ,,Ѓорче Петров” во Кавадарци. Во изјава за МИА, денеска Мишковски предупредува дека има многу лизаропроизводители кои подигнуваат нови лозови и овошни насади, без претходно да ја испитаат почвата во која ги садат калемите. Тој нагласува дека земјоделците на кои лозовите или прасковите калеми им се со несоодветна подлога спрема почвениот тип, ризикуваат лозјата и праскарниците да им ги зафати хлороза и други аномалии во производството, при подоцнежното одгледување.
-Почвите се со различна содржина на карбонати во себе. Земјоделците ризикуваат да добијат лозови и овошни плантажи зафатени од хлороза или жолтеење, доколку лозовите или прасковите калеми им се со несоодветна подлога спрема почвениот тип. Ова особено важи за нивите кои содржат многу карбонати. За разлика од нив, земјоделските имоти кои содржат малку карбонати, нема да предизвикаат жолтеење, без разлика каква ќе биде подлогата на садниците. Во овие вторите спаѓаат нивите наречени смолник, какви што има во росоманско или околу кавадаречкото село Сопот, објаснува професорот.
Тој додава дека хлорозата се манифестира со жолтеење па дури и побелување на лисјата на виновите лози или прасковите дрвца од врвот надолу, за на крај да дојде до губење на плодот па и угинување на лозите и овошките.
-За да се спасат од хлорозата, земјоделците секоја пролет преку почва и во лето преку наводнување, пристапуваат кон додавање на железо во виновите лози и тоа преку лисјата и преку почвата. Тоа е дополнителен издаток за нив покрај останатите третмани со хемиски препарати. Тие што имаат инсталирано систем капка по капка во лозјата, во системот ставаат лесно растворливо железо кое пак е уште поскапо, вели професорот кој е околу година ипол во пензија.
За да не се случуваат постојано ваквите грешки, Мишковски апелира до земјоделците да си прават анализи на почвата пред да подигнат нови лозови и овошни насади во есен и на пролет и да консултираат стручни совети.
-Да не се подигнуваат нови лозја само ради реда и нестручно со било каков посадочен материјал, ами да се види почвата па врз основа на тоа да се одлучи на каков вид на подлога треба да биде извршено калемењето на избраните сорти винови лози. Прасковите дрвца мора да се садат на почви со мала содржина на карбонати или темно обоени почви и црвеникави, какви што има кај Тиквешко Езеро, советува Мишковски.
Тој додава дека нестручно посадените лозови и овошни плантажи уште повеќе доведуваат до хлороза при обилни врнежи какви што има во некои пролетни денови. Особено во ниви кои се на границата по присуството на карбонати.
-Дождот во тој случај ги пере карбонатите од горниот дел и ги носи ко коренот на длабочина од под 40 сантиметри кај коренот. Железото станува недостапно и се создаваат идеални услови за хлороза, подвлекува професорот со повеќегодишно искуство.
На сите кои згрешиле во односот на подлогата на калемот и почвата им препорачува да ги ископачат лозовите насади или прасковите дрвца уште на првата или втората година и да посадат нови, за да не мораат потоа со години да им додаваат железо. Копачењето, вели, би ги чинело поевтино.