Средствата од продажбата на уметничките дела ќе помогнат да се покријат дел од здравствените третмани кои ѝ престојат на ликовната уметница Андријана Мациев во борбата против канцерот.
На социјалната мрежа Фејсбук, од неодамна е активна групата „Уметниците за Андријана Мациев“ каде бројни еминентни академски сликари и ликовни уметници ги постираат своите избрани уметнички дела кои се достапни во продажба по многу прифатливи цени, за сите кои ја сакаат уметноста и кои, се разбира, сакаат да ѝ дадат поддршка на ликовната уметница Андријана Мациев, во борбата со канцерот.
На Андријана пред шест месеци ѝ бил дијагностцициран канцер на дојка, кој појавил метастази на коски и на црн дроб, а се соочувала и со неиздржливи болки. По хемотерапиите и зрачењето, следуваат нови испитувања и терапии за кои освен физичка и ментална сила, неопходни се и материјални средства.
– Уметниците кои би сакале да се вклучат во продажната изложба која пред сè има хуманитарен карактер и има за цел да ја поддржи и помогне борбата на нашата колешка и пријателка Андријана Мациев со карциномот, потребно е да се активираат на Фејсбук страницата „Уметниците за Андријана Мациев“ каде се испраќа делото кое произволно го избрале и сакаат да го донираат. Потребни се генералии на авторот, име и презиме, наслов на делото, димензии и продажна цена која авторот ја определува, ни објаснува администраторката на групата Христина Марковска.
За кратко време од појавување на социјалната мрежа Фејсбук, оваа иницијатива е поддржана од повеќе од петстотини членови кои се дел од „Уметниците за Андријана Мациев“ и речиси секој ден се испраќаат нови дела, но и многу пораки со позитивна и охрабрувачка содржина. Од околу 50 испратени дела веќе неколку се продадени.
Марковска вели дека првично Фејсбук страницата била замислена како „онлајн“ изложба со аукциски карактер, но се покажало дека хуманитарноста и доброљубието немаат граници, па така се дава можност во групата да се вклучат и уметници од останатите уметнички области, како на пример, фотографи, музичари и дизајнери.
– Продажбата на делата е до средината на месец март, по што истите ќе бидат дел од видео проектот „онлајн“ изложба во чест на Андријана. Ова е најмалку што како колеги можеме да го направиме за неа, но и голема е честа да ѝ се помогне во деновите кога и е најпотребна поддршка од луѓето кои ја сакаат од срце, додава Марковска.
Средствата од продажба на уметничките дела ќе помогнат да се покријат дел од здравствените третмани кои ѝ престојат на Андријана.
– „Уметниците за Андријана Мациев“ е благородна иницијатива за која и јас дознав и ѝ се придружив неодамна, родена од преголемата желба за излекување и подддршка на нашата драга колешка, докажаната уметница- Андријана. Големите животни предизвици со кои е соочена оваа сензибилна душа, прекрасен човек, верен пријател, мајка… се лекција за сите нас-блиските, пријателите, познаниците… и нè поттикнуваат да ги преиспитаме вистинските вредности и приоритети, да извагаме што е навистина важно во овој краток период кој ни е даден од Бога да го поминеме на Земјата. Верувам дека Андријана ќе го изоди овој трнлив пат до крај, онака со насмевка, ведрина и полна со животна радост, како што чекори низ животот откога се сеќавам на неа, и наскоро нејзиното физичко тело повторно ќе биде во совршен баланс. Со љубов и искрена молба, Ве повикувам сите вас хумани луѓе да помогнете секој во рамките на своите можности, да купите уметничко дело по навистина прифатливи цени, донирано од признаени уметници или да ја проширите информацијата за постоењето на оваа Фејсбук група преку која можат да се купат делата, а средствата од делата ќе помогнат да се покријат дел од здравствените третмани, и на крајот да испратите по некоја позитивна мисла, да се помолите за здравјето на Андријана Мациев, апелира за поддршка на групата академската сликарка Елена Алчева Еминовиќ.
Академската сликарка Мирјана Крстева Массетти пак, нè потсети на големината на Андријана, со зборовите: „личност која знае неизмерно да љуби, да се радува, да сочувствува…Прекрасен уметник, најдобар другар. Една нејзина изложба е насловена ,,Живот во бои,,. Сè што посакувам е повторно да го живее животот во бои“.
Приклучете се и вие на оваа хумана акција!