Љупчо Куртелов/БГНЕС
Семето на омразата кон Бугарија, посеано по Втората светска војна во Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ), најплодна почва најде токму во Македонија. Ние, кои паметиме од порано, се сеќаваме на хистериите во кои Бугарите беа претставувани поцрни од ѓаволот. Татари, фашисти, окупатори и какви ли не епитети ни беа втиснувани во главите. А вистината – дека сме браќа и дека сме изникнале од еден ист корен – беше оставена во сеф, заклучен со девет катанци.
Бев во 7. одделение кога наставничката по македонски јазик ни предаваше лекција за охридскиот преродбеник Григор Прличев. Читајќи ни извадоци од неговата автобиографија, издадена во Скопје, ние, учениците, го слушавме дијалогот меѓу Прличев и претседателот на комисијата Рангавис, во моментот кога му беше доделена првата награда — ловоров венец во Атина — за поемата „Арматолос“.
Рангавис: „На колку години сте?“
Прличев: „Триесетгодишен.“
Рангавис: „Од која народност сте?“
Прличев: „Бугарин.“
Во остатокот од лекцијата, можеби половина час, наставничката се обидуваше да нè убеди дека Прличев немал друг избор, освен да каже дека е Бугарин.
Јас прашувам — кој го натерал во 1861 година да се самоопредели така, кога во тоа време немало никаква бугарска институција што би можела да го наговори. Ништо, што Бугарската црква (Егзархијата) постои од 1870 година, а уште помалку државата, која е создадена во 1878 година.
По распадот на СФРЈ и независноста на Македонија, очекувањата беа дека односите со Бугарија ќе се нормализираат, ако не друго — барем како со соседи. Имаше и такви периоди, кои, за жал, беа кратки и епизодични.
Од минатата година, кога (Анти) ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите со популистички пароли и дојде на власт, старото семе ги роди своите ОТРОВНИ плодови. Денес да кажеш дека си македонски Бугарин е ерес. И најсвеж пример за омраза — вчера, на концертот на Цеца во Велес, кога таа се завитка со бугарското знаме (најверојатно „некои“ свесно го смислиле сценариото), публиката жестоко ја исвирка.
Познавам доста луѓе кои барем имаат симпатии кон Бугарија, но се притаени, со свеста дека ако ги изразат своите чувства, ќе имаат доста непријатности.
Но не треба да заборавиме дека некои историски и општествени процеси траат подолго од еден човечки век. Да не бидеме себични.
Како што би рекле старите Латинци:
„Tempora mutantur.“ (времената се менуваат – бел. ред.)
Да ја разбудиме подзаборавената вистина во Македонија!
Среќен Ден на будителите!























