Она што како лекција мора да го научиме е дека заедно со процесот за вакцинација, примената на толку едноставните мерки за заштита од Ковид-19 е од круцијално значење за спречување на пандемијата, вели директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ.
Таа во гостување во вестите на телевизија Сител изјави дека не очекува олеснувањето на мерките за време на велигденските и првомајските празници да резултира со зголемување на бројот на новозаболени од Ковид-19, бидејќи, како што нагласи, станува збор за многу кус период.
– И покрај олеснувањето на мерките, тоа не значи дека не треба да се почитуваат заштитните мерки. Маската и дистанцата се минумум мерки што секој еден поединец треба да ги применува, за своето, но и за општото добро, потенцира Стевановиќ.
Таа апелираше до граѓаните да не се собираат во поголеми групи во своите домови за време на Велигден и дека ако веќе сакаат да го чествуваат празникот со членовите на своите пошироки семјества тоа да го направат на отворен простор.
– Можеме да направиме еден поинаков Велиден со кршење и размена на јајца во природа, за што ќе бидат наклонети и временските услови. Мерките се многу едностави и се применливи, само треба да се сака да се применуваат, додаде Стевановиќ.